fbpx

Пендаровски: Ќе го потпишам Законот за игрите на среќа, ако пратениците го усвојат со 61 глас

Пендаровски нагласи дека ако пратениците повторно дебатираат и го усвојат со 61 глас „за“, тогаш ќе го потпише изменетиот Закон за игри на среќа и забавни игри

-

Откако вчера одлучи да не го потпише Указот за измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри што Собранието го усвои на 7 февруари по скратена постапка, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска од Тетово рече дека постапил на тој начин поради сериозноста на индикациите од страна на ЕУ, дека се злоупотребува можноста на усвојување на закони со европско знаменце по скратена постапка.

Тој вели дека овој закон мора да помине низ редовна процедура. Движењето „Антикоцкање“ е разочарано од претседателот, критики имаше и од Подобро за Тетово, а ДУИ смета дека одлуката на претседателот е за жалење, пренесува Порталб.мк.

Пендаровски нагласи дека ако пратениците повторно дебатираат и го усвојат со 61 глас „за“, тогаш ќе го потпише изменетиот Закон за игри на среќа и забавни игри.

„Пред еден месец Европската комисија, односно Европската Унија, од Брисел испрати писмо до Владата. Во него вели дека во собраниска процедура има закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема. Но, пратениците го изгласаа тој закон. Пред неколку дена ме посети евроамбасадорот и ми рече, ова е уште една злоупотреба во низата злоупотреби на европското знаменце, при што никој не спори дали законот е добар или лош“, рече Пендаровски.

„Претседателе, добредојде во Тетово Вегас“, вака денеска реагираше Движењето „Антикоцкање“ по повод посетата на Пендаровски во Тетово.

„Ние сме целосно разочарани, се чувствуваме издадени од вашата постапка за недонесувањето на указот за предлог законот за игрите на среќа и забавните игри, штитејќи ги на тој начин криминалците и криминалот и дозволувајќи страста за криминал и класична кражба да ги задуши граѓаните. Со вашата постапка, наводната злоупотреба на европското знаме, го легализиравте перењето на валкани пари и во име на европските стандарди штитите сомнителни капитали кои ја заробиле нашата држава“, велат од Движењето „Антикоцкање“.

Од Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ (ПЗТ) нагласуваат дека не важи образложението дека овој закон не е во согласност со законите на Европската унија, бидејќи како што велат, Пендаровски без никакво двоумење го потпишал указот од Кривичниот законик со знамето на ЕУ.

„Ако интересите на граѓаните се на прво место, во Собранието повторно треба да се изгласаат дополнувањата и измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри, за што нема да биде потребно одобрение од претседателот Пендаровски. Додека се практикуваат двојни стандарди за потпишување на важни закони за правдата и социјалната благосостојба на граѓаните во Република Северна Македонија, претпоставуваме дека и самата иницијатива за брзо усвојување на овој закон е дел од предизборните калкулации за политички поени“ нагласуваат од ПЗТ.

Пишува: Фисник Џелили

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...