Павиќевиќ: Виртуелната реалност ги запоседнува сите човечки сетила, но книгата секогаш ќе биде надмоќна

Во „Летна лектира“ младиот Лука Павиќевиќ го открива неговиот избор на книги за читање во летната сезона

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку викенд-текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период – во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.

Овојпат на темата „Летна лектира“ разговараме со Лука Павиќевиќ, иден студент на Харвард, кој ни открива дека сè уште не бил на одмор.

„Иако го обожувам морето, плажата и ужасно топлото сонце, никогаш не ми биле привлечни. Претпочитам динамичен одмор со подолго патување и попатни паузи за историски и културни знаменитости, како и природните убавини во околината“, вели Лука за Мета.мк.

Во прилог се книгите кои тој ги препорачува за читање ова лето:

„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ

„Книга за смеата и за заборавот“ од Милан Кундера

„Витезот и византијката“ oд Кица Колбе

„Живееме во свет на мултимедијалност. Колективно стануваме зависни од нашите дигитални помагала, па дури и нивни подредени. Сè помалку задржуваме внимание. Новата технологија на виртуелната реалност ќе овозможи дигиталното да ги запоседне сите човечки сетила, но книгата – за тој што ја искусил – секогаш ќе биде надмоќна. Таа не нè ограничува на искуството од нашите сетила, туку се повикува на нашата фантазија и мечта. Тогаш само умот е граница“, порачува Павиќевиќ.