Синадиновска: Читајте книги – кај пишаниот збор ние сме господари на изборот

На темата „Летна лектира“, разговараме со новинарката Катерина Синадиновска, која со голема страст кон книгите кои се бесценет дел од нејзиниот животз, ни го предлага нејзиниот избор на литература на кој редовно му се навраќа

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку викенд-текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период – во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.

 

Во период кога на летото му се ближи крајот, разговараме со новинарката Катерина Синадиновска, која ни открива дека за одмор секогаш избира мали места, тивки, непопуларни, селца кои не можат да се најдат на инстаграм, без летни забави и гласна музика, без туристи наоколу и со плажи кои се скриени и осамени. И годинава таа за својот годишен одмор избрала такво местенце во Грција, а придружен дел од летувањето секако ѝ биле книгите, за кои таа говори со голема страст, доловувајќи до најситен детаљ зошто се тие бесценет дел од нејзиниот живот.

„Кај мене нема правило дека на лето се чита полесна литература, оти токму на одмор, дистанцирана од товарот на секојдневниот стрес, честопати знам да бидам и многу продуктивна, па да ги ковам и главните професионални планови и да си поставувам нови цели. Затоа, често читам и професионална литература, поврзана со моите актуелни или престојни работни ангажмани, или знам да се задлабочам во ултра сериозни редови, па да уживам на пример во цели седумстотини страници на избрани говори и писма од Линколн, во едно спектакуларно издание на “Barnes & Noble” купено во САД, како што направив на еден одмор неодамна“, раскажува Синадиновска за Мета.мк.

Таа вели дека низ годините сфатила дека нема време дава шанси на книгите до последната страница, и сега ги остава веднаш штом насети површност. Многу интересна работа е личниот развој на вкусот за книги, вели таа, додавајќи дека треба да се следи тој развој, бидејќи истиот многу говори и за целокупниот развој на личноста.

„Понекогаш неминовно ве фаќа смеа кога ќе помислите на тоа на кои домашни или странски пера сте „паѓале” како млади. Но, сето тоа е еден сосема нормален процес на рафинирање на сопствениот вкус. Секогаш велам – само луѓе кои не читаат доволно имаат фиксни омилени книги или писатели. Друг, многу интересен момент, е како една иста книга може да ја доживеете сосема различно ако ја читате во различни периоди од животот. Обидете се како повозрасни повторно да се навратите на уникатниот Маркес, на величествениот Хемингвеј, на големиот Толстој, на извонредниот Кундера, на нам блиските Крлежа или Андриќ, на нашите чудесни Петре или Анте…“.

Тешко ѝ е да набројува омилени книги и наслови, бидејќи за неа тоа е како да си избере свое омилено интервју или колумна, но, како што вели, во ова „антикнижевно време“, а во интерес на публиката, ќе направи исклучок, па ќе се обиде да ги издвои омилените, на кои секогаш им се навраќа:

„Смртта и нејзините хирови” – Жозе Сарамаго;
“Свеќите горат до крај” – Шандор Мараи;
„Гостин во сопствената земја” – Ѓерг Конрад;
„Бесмртност” – Милан Кундера;
„Доба на кожата” – Дубравка Угрешиќ;
„Куќа на сеќавањата и заборавот”- Филип Давид;
„Земја на бегалци” – Кица Колбе;
„Смрт на експертизата”, Том Николс”;
„Природен роман” – Георги Господинов;
„Талкачи” – Олга Токарчук

„Тука не можам да не го споменам Гари Каспаров, чии врвни политички анализи напишани пред само седум – осум години денеска, погледнати низ катастрофата со руската инвазија во Украина личат просто на еден залуден крик да се спречи она што тој јасно го гледаше и се обидуваше да му го покаже на западниот, слободен свет, кој остана слеп за предупредувањата“, додава Синадиновска, позната и по својата долгогодишна посветеност на анализирање на надворешната политичка сцена.

Во однос на чувството физички да се држи и впие книгата, наспроти електронските уреди кои можат да ни го овозможат истото, но со извесни разлики, Синадиновска вели дека бесценето ѝ е чувството на вртење на страници и подвлекување на мисли или дијалози.

Фото: Лична архива

„Социјалните мрежи преку зависноста од ‘проколнатото скролање’ се тивки убијци на нашето време, а со тоа и на животот. Ја киднапираат целосно креативноста, нудат калапи за ставовите, мислите, чувствата, па дури и за самоперцепцијата и тоа е се разбира нездраво, но и опасно. Тоа мора да има граници. Има и книги што се своевиден ‘џанк фуд’, не велам не, но кај пишаниот збор сепак ние сме господари на изборот. Ние самите избираме што ќе читаме, додека ги имаме вградено сите филтри на контрола, а на интернет секогаш сме под перманентен напад од несакана содржина, макар биле тоа било и во форма на реклами за путер за тело, на пример, кои се појавуваат среде видео од анализа на воен судир и загинати деца. Оттука, можеби поголем проблем од дезинформациите на интернет, е самата тривијализација на информацијата – што води до клучниот проблем – банализирање на злото во суштина. Книгите нѐ штитат од тоа! Книгите се нашите бариери“.