Отворена изложбата на Петар Хаџи Бошков во археолошкиот локалитет Стоби

Фото: Министерство за култура

Во археолошкиот локалитет „Стоби“, вчера на зајдисонце, пред неколку стотини луѓе, беше отворена изложбата на реномираниот скулптор Петар Хаџи Бошков со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“. На отворањето присуствуваше министерката за култура Ирена Стефоска.

„Присуствуваме на редок културен настан. На дијалог меѓу Стоби и Петар Хаџи Бошков. Се вкрстуваат цивилизации и епохи. Модерната е внесена во античкиот град. Сигурно имаат што да си кажат“, рече министерката за култура, Ирена Стефоска.

Петар Хаџи Бошков е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на минатиот век во земјава, чии дела биле инспирирани од античката култура и со оваа изложба го најдоа своето упориште во археолошкиот локалитет Стоби.

Поставката на интересен начин овозможува заемно разоткривање и суштинска врска меѓу вредностите на модерната и антиката. Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.

Поставката вклучува 40-тина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои го опфаќааат периодот од четири децении творештво од 1962 до 2004 година.

„Она што особено ме радува е што изложбата, на креативен начин, го реактуализира прашањето за местото на модерната денес. Скулптурите на Хаџи Бошков, кои се веќе културно наследство, ги бараат своите врски со античката уметност. Две и пол илјади години потоа, поставени вака во Античкиот театар, на Виа сакра, Храмот на Изида и Серапис, тие по подолг период, на свој начин ги реафирмираат вредностите што ги има модернизмот во земјава, а кои беа тргнати од нашето сеќавање. Вредност на која постојано мора да се навраќаме“, изјави министерката за култура Ирена Стефоска.