Отворен е повикот за учество на Драмскиот аматерски фестивал 2021

ДАФ
фото: Драмски аматерски фестивал 2019

Фестивалската управа на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија го објави повикот за избор на претстави кои ќе настапат на годинешното, 58 издание на фестивалот.

Како што се посочува во повикот, право на учество на ДАФ – Кочани имаат аматерски театри, работилници, драмски секции, студија, групи кои аматерски се занимаваат со рецитаторство, експериментални и алтернативни сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање кои творат во полето на драмскиот аматеризам во категориите: театар за деца и младинци, драмски аматеризам со елементи на традиционални, современи, авангардни и екпериментални сценски израсни средства и модели.

Право на учество имаат домашни и странски автори и театарски претстави, а при подготовка на драмскиот проект е дозволено да се консултираат и ангажираат стручни лица, режисери, артисти и драматурзи. Во претставите на аматерските драмски ансамбли не може да настапуваат артисти вработени во театарските куќи во земјата и во странство.

Вкупниот број на членови во аматерскиот театар што учествува во подготовка и изведба на драмскиот проект не смее да надминува повеќе од 16 лица за домашните драмски ансамбли и 10 лица за меѓународните аматерски ансамбли.

Пријавите за учество на ДАФ 2021, како и снимените материјали, во електронска форма, треба да се достават најдоцна до 20 април, на електронската пошта [email protected].

Манифестацијата е предвидено да се одржи од 22 до 28 мај.

Драмскиот аматерски фестивал во Кочани е единствен во државата што го негува, закрилува и поттикнува драмскиот аматеризам. Минатата година, поради пандемијата, фестивалот беше од ревијален карактер, без доделување на награди за учесниците. Годинава организаторите најавуваат враќање на стариот концепт на фестивалот.

Повеќе информации околу пријавувањето можат да се најдат во повикот за избор на претстави.