fbpx

Ослободителна пресуда за новинарите по кривичната тужба од Димитар Апасиев

-

Основниот кривичен суд во Скопје утрово досуди ослободителна пресуда за новинарите по кривичната тужба што ја поднесе претседателот на политичката партија „Левица“ и пратеник Димитар Апасиев. Апасиев тужеше новинари на веб-порталот „А1он“ за „неовластено објавување на лични записи“ по член 148 од Кривичниот законик.

Првично, партискиот лидер Апасиев тужеше тројца новинари, уредникот на „А1он“, Предраг Петровиќ, Мери Јордановска и Габриела Димковиќ – Мишевска. Во меѓувреме, откако Димковиќ – Мишевска му се извинила на Апасиев, тој ја повлекол тужбата против неа.  

Според членот 148 од Кривичниот законик, доколку беа прогласени за виновни, новинарите ќе се соочеа со парична казна или со казна затвор до една година. Судскиот процес траеше речиси една година.

По пресудата, новинарката Мери Јордановска посочи дека е задоволна од донесената ослободителна пресуда, бидејќи доколку беше поинаку, за цела новинарска фела, а и за јавните функционери ќе имаше опасност да се воспостави една практика која што не оди во насока на демократијата и слободата на говор.

„Некои од функционерите можеби ќе си земаа за право кривично да гонат новинари ако им се објави преписка со која навредуваат, по официјално побарана изјава, а кај новинарите ќе се создадеше страв да објавуваат и да бидат критички настроени кон оние што се платени од буџетски пари“, вели Јордановска додавајќи дека „знаеме колку стравот од кривични тужби може да доведе до самоцензура кај новинарите“.

Според неа, државните функционери мора да сфатат дека функцијата ја вршат 24/7 и се поподложни на јавна критика, без разлика дали одговораат на електронска пошта, смс порака, службен или приватен телефон.

„И кога ние како новинари ги бараме, ги бараме во име на јавноста, за работи кои се од јавен интерес, па оттаму не смее да се воспоставува практика на воведување страв и цензура“, потенцира Јордановска.

Инаку, според нејзината вчерашна изјава за Мета.мк, во случајот не станува збор за објавување на никаков личен запис, како што се тврди во тужбата, туку за службена комуникација преку СМС порака помеѓу новинар и пратеник – лидер на политичка партија.  

„Во декември 2020 година, поранешната колешка Димковиќ-Мишевска преку СМС порака му се обратила на Апасиев со барање за изјава и официјално прашање – каков е ставот на Левица во однос на парите што партијата ги добила од буџетот, односно дали планира да ги врати во буџетот, да ги донира или да ги задржи, бидејќи во тој период партијата беше прозвана на социјалните мрежи како работничка партија да се солидализира во време на пандемија“, вели Јордановска, додавајќи дека пратеникот на новинарката ѝ одговорил да се обрати во прес-центарот на Левица „во отсекот – провладини медиуми“.

Мери Јордановска посочува дека потоа во преписката новинарката одговорила дека такви саркастични одговори на професионално прашање не се во ред, на што пратеникот вратил:

„А СДС кога ги прашувате, на Заев директно ли му се јавувате или на Центар за комуникации? Секогаш сум бил коректен и со сороспии и со курирци ама имајте ниво на професионалност“.

„По ова, следуваа низа објави на Фејсбук со кои Апасиев упатуваше навреди и кон новинарката и кон мене, за што реагираа сите домашни здруженија, ЗНМ, ССНМ, меѓународните здруженија Репортери без граници и Интернационалната федерација на новинари“, објаснува Јордановска.  

Таа на порталот „А1он“ ги објавила овие навреди од страна на пратеникот и лидер на „Левица“ Апасиев, а како илустрација во текстовите е објавен и принтскрин, односно фотографија од еден од неговите одговори дадени на новинарката.  

Во кривичната тужба што лидерот на „Левица“ ја поднесува против новинарите, ваквиот принтскрин од СМС порака во комуникација меѓу новинар и пратеник ја смета за „личен запис“.  

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...