fbpx

Утре пресуда за кривичната тужба на Апасиев против новинари за објава на одговор по СМС порака

-

Основниот кривичен суд, утре, треба да изрече пресуда по тужбата на претседателот на политичката партија „Левица“ и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев против новинарите на веб-порталот „А1он“. Формално правно, новинарите се тужени за „неовластено објавување на лични записи“ по член 148 од Кривичниот законик, а всушност станува збор за објава на одговор по СМС порака од пратеникот.

Првично, пратеникот тужеше тројца новинари, уредникот на „А1он“, Предраг Петровиќ, Мери Јордановска и Габриела Димковиќ – Мишевска. Во меѓувреме, откако Димковиќ – Мишевска му се извинила на Апасиев, тој ја повлекол тужбата против неа.  

Пресудата ќе биде објавена утре во 9.15 часот во Основниот кривичен суд, од страна на судијката Диана Груевска Илиевска, која го води случајот.  

Во членот 148, според кој се тужени Јордановска, Петровиќ и фирмата издавач на веб-порталот А1он, „Онлајн Медија“ се вели: 

„Тој што без дозвола на авторот во случаите кога такво одобрение е потребно, ќе објави дневник, писмо или друг личен запис, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“ 

Но, новинарката Мери Јордановска вели дека во случајот не станува збор за никаков личен запис, туку за службена комуникација преку СМС порака помеѓу новинар и пратеник – лидер на политичка партија.  

„Во декември 2020 година, поранешната колешка Димковиќ-Мишевска преку СМС порака му се обратила на Апасиев со барање за изјава и официјално прашање – каков е ставот на Левица во однос на парите што партијата ги добила од буџетот, односно дали планира да ги врати во буџетот, да ги донира или да ги задржи, бидејќи во тој период партијата беше прозвана на социјалните мрежи како работничка партија да се солидализира во време на пандемија“, вели Јордановска додавајќи дека пратеникот на новинарката ѝ одговорил да се обрати во прес-центарот на Левица „во отсекот – провладини медиуми“.

Јордановска посочува дека потоа во преписката новинарката одговорила дека такви саркастични одговори на професионално прашање не се во ред, на што пратеникот вратил: „А СДС кога ги прашувате, на Заев директно ли му се јавувате или на Центар за комуникации? Секогаш сум бил коректен и со сороспии и со курирци ама имајте ниво на професионалност“.

„По ова, следуваа низа објави на Фејсбук со кои Апасиев упатуваше навреди и кон новинарката и кон мене, за што реагираа сите домашни здруженија, ЗНМ, ССНМ, меѓународните здруженија Репортери без граници и Интернационалната федерација на новинари“, објаснува Јордановска.  

Таа на порталот „А1он“ ги објавила овие навреди од страна на пратеникот и лидер на „Левица“ Апасиев, а како илустрација во текстовите е објавен и принтскрин, односно фотографија од еден од неговите одговори дадени на новинарката.  

Во кривичната тужба што пратеникот на „Левица“ ја поднесува против новинарите, ваквиот принтскрин од СМС порака во комуникација меѓу новинар и пратеник се смета за „личен запис“.  

Судењето траеше речиси една година. Како што вели Јордановска, Апасиев не се појавил на ниту едно рочиште, а во своите завршни зборови неговиот адвокат Спасе Николов потенцирал дека телефонскиот број на пратеникот не бил службен туку приватен, што било причина повеќе новинарите да одговараат кривично.  

„Во текот на целото судење ние се обидувавме да докажеме дека комуникација помеѓу новинар и лидер на партија, воедно и пратеник, е службена комуникација, особено кога новинарот се претставува и бара официјална изјава, без разлика дали таа е телефонска, лична или преку СМС порака“, посочува Јордановска.

Таа додава дека кога одговорите на прашањата се саркастични и навредливи, новинарите како глас на јавноста не можат и не смеат тоа да го премолчат.

„Ако господинот Апасиев не сакал да биде вознемируван на приватниот број, иако сè уште не ни знаеме дали тој број е приватен, можел да нè упати да се обратиме на службениот, наместо да ни лепи етикети на сороспии’“, вели Јордановска.

Таа потсетува дека јавните функционери ја вршат својата должност 24/7 и се подложни на јавна критика, бидејќи се платени од буџетот на државата, односно парите на граѓаните.

„Ако повторно се соочуваме со старата практика на кривично гонење на новинари поради поставени прашања, а добиени саркастични и навредливи одговори, без разлика дали се тие одговорени преку СМС, електронска пошта, лично или преку други комуникациски канали, тогаш се враќаме една деценија назад во слободата на говорот“, децидна е Јордановска.  

Во напис на социјалната мрежа Фејсбук, пратеникот истиот ден кога го контактирала новинарката на „А1он“ напиша:

Некоја си ГАБИ од провладините портали МАКФАКС/А1он (целосно име: Габриела Димковиќ-Мишевска), веројатно по инструкции на заменичката-главна уредничка, ми се јавува на приватен и ми пишува смс за време додека спроведувам колоквиум…

И враќам – обратете се со прашање до Прес центарот на Левица (чунки иаме вработено чоек баш за тоа, за комуникации и професионален однос со медиуми). Она не се обраќа, и си става ваков наслов!? Срцка Ах бре провладини „новинари“.

Боље парите да ги донираме кај вас, да ве пратиме на некој соросписки курс за „независно новинарство“ и „прогресивно граџанство“ – за да се опраите. Друг пат, јавете се културно на јавно достапниот број на Левица и бидете барем малку попрофесионални у односот, иако не не’ сакате (а ни ние не ве сакаме)
#НавивачкоНовинарствоНеЕНовинарство

Истиот ден, на истата социјална мрежа пратеникот јавно се закани со тужба пишувајќи: „колку треба да си кукавица, од позиција на заменик-главен уредник, да натераш свој подреден да направи кривично дело „Неовластено објавување личен запис“ за да го крка вработениот, а не онаа која има отворена пизма кон Левица? Се гледаме на рочиште“.

Инаку, поминаа речиси 9 години откако клеветата и навредата, за кои најчесто се тужени новинарите, наместо како кривично дело, се вбројани меѓу дела за кои се одговара во граѓанска постапка.

Според ЗНМ, овој случај претставува преседан во кој претставник на Собрание односно пратеник и лидер на политичка партија, кривично гони новинари.  

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измама: Лажен доктор нуди лажен лек за болки во зглобови

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари...