„Ориентациска недела“ за подобро снаоѓање на бруцошите на ФИНКИ

Речиси 200 студенти во прва година денеска беа присутни во Амфитеатарот на ФЕИТ и Машински, каде имаа можност да ги проследат содржините што се дел од првиот ден од настанот

Студенти во амфитеатарот на ФЕИТ/Машински на првиот ден од Ориентациската недела / фото: Мета.мк

Факултетското студентско собрание на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) втора година по ред организира „Ориентациска недела“ – настан кој има за цел да ги воведе студентите – бруцоши во начинот на функционирање на факултетот и на кој ќе може да се запознаат со своите наставници и колеги.

Речиси 200 студенти во прва година денеска беа присутни во Амфитеатарот на ФЕИТ и Машински, каде имаа можност да ги проследат содржините што беа дел од првиот ден од настанот.

Ориентациската недела на ФИНКИ за првпат се одржа минатата година, а годинава ќе трае пет дена, односно до петок – 29 септември.

„Идејата позади настанот е сите студенти да бидат воведени во начинот на функционирање на ФИНКИ, но и на УКИМ и да дадеме поттик за дружба помеѓу студентите, да ја пробиеме стигмата на страв од професори, како и да се чувствуваат како да припаѓаат на овој факултет и да ги зближиме со науката и учењето“, вели Александар Ристоски, претседател на ФСС ФИНКИ.

Тој истакна дека идејата за ориентациската недела ја добил по разговор со студентка од странство, која студирала на еден од најпрестижните универзитети во Кина.

„Со поранешната студентка Матеа Коцевска сфативме дека ориентациската недела на нивниот факултет е нешто што е неопходно на кој било факултет во светот и дека е одлична идеја доколку истата е имплементирана за првпат и во нашата држава“, вели Ристоски.

Во организација на Ориентациската недела учествуваат студентите кои се членови на Факултетското студентско собрание на ФИНКИ, со поддршка на нивните наставници.

Студентите денеска имаа можност да се запознаат со основите на кодирањето кое е круцијален дел од нивните студии, а слушнаа и како функционираат студиските програми и како се одвива полагањето испити. Покрај ова, добија информации и за тоа како да аплицираат за субвенциониран студентски оброк, бесплатен јавен превоз во Скопје, ги дознаа можностите за стипендии и студентските права и обврски.

Утре, на вториот ден од Ориентациската недела, пред бруцошите на ФИНКИ е програма со предавања за сајбер безбедност, можностите за работа и пракса, како и запознавање со неколку студентски организации.