fbpx

Опозициските партии го обвинуваат Ципрас

-

Позитивен прв впечаток од Брисел за грчката листа со реформи пренесуваат грчките медиуми. Според информациите на грчката државна информативна агенција АПЕ, првите реакции во Брисел се дека листата е доволно содржајна и разбирлива за да може да биде добра основа за продолжување на разговорите и можно одобрување на грчкото барање за продолжување на финансиската помош за Грција. Од Брисел особено биле задоволни од заложувањето на СИРИЗА за справување со даночните затајувачи и за спречување на корупцијата.
За потсетување, листата содржи мерки и реформи кои се фокусираат на помагање на сиромашните и маргинализирани семејства со бесплатна храна, струја и покрив над глава, мерки за олеснување при исплаќањето на долговите, но и строги реформи за справување со корупција, шверц, даночно затајување и за реструктуриање на државната администација. Во листата на предлози не се споменати две клучни точки за кои се бори СИРИЗА, односно зголемување на минималната плата на 751 евро, како и повторно вработување на отпуштените во јавната администрација, точка која од владата велат дека секако ќе се исполни со постојниот закон за вработување нови лица во јавната админситрација.
Најжестоките критики за Алексис Ципрас за оваа листа дојдоа од редовите на СИРИЗА, односно од Манолис Глезос. Листата и договорот со Брисел ги критикуваше и Комунистичката партија, истакнувајќи дека новиот договор, независно од тоа како ќе го именува владата на Ципрас, во суштина, е само продолжување на меморандумот и на мерките за штедење. Партијата Река испрати своја листа на предлози за реформи кои сметаат дека владата на Ципрас треба да ги земе предвид за напредокот на државата. Од партијата предлагаат реформи за јавната администрација со конкретни програми и со акциони планови, независна даночна администрација и формирање независна институција за јавни трошоци, реформирање на банкарскиот систем кој ќе поттикне развој на здрави претпријатија, наместо одржување во живот на компании-зомби, програма за финансиска помош на екстремно сиромашни семејства, нов правилник за медиумите, мотивациски програми за развивање на младите претприемачи и ред други.
ПАСОК и Нова демократија не излегоа со коментари за конкретната листа, но во изминатите неколку дена директно и Андонис Самарас и Евангелос Венизелос се изјаснија дека новиот договор, во суштина, е продолжување и потврда на досегашната политика на нивната влада. ПАСОК, преку соопштенија во изминатиот период, истакна дека договорот со Еврогрупата ја потврдува стратегијата на изминатата влада, но, во суштина, ја внесува Грција во нов меморандум наместо да стави крај на стариот и ја враќа неколку месеци назад од тоа каде ќе беше сега доколку претходната влада го завршеше својот дел од работата и доколку дојде до гласање на овој предлог во собранието. Според информациите во Грција, ПАСОК сепак најверојатно доколку дојде до гласање на програмата во грчкото собрание ќе ја поддржат програмата.
Од Нова демократија не реагираа толку за листата на реформи колку што се фокусираа на несогласувањата што таа ги создава во СИРИЗА, што покажува дека владата не се држи до нејзините предизборни ветувања. „Функционерите на СИРИЗА го поништуваат она што од премиерскиот кабинет тврдат дека е успех“, изјавиле извори од Нова демократија за весникот „То вима“, коментирајќи дека полека се гледа колку од предизборните ветувања ќе бидат заборавени, иако е позитивно тоа што СИРИЗА одлучува да не прави еднострани потези кои може да ѝ наштетат на државата. Партијата, по договорот во Брисел, забележа дека најлошото е избегнато, меѓутоа СИРИЗА ја втурнува Грција во нов меморандум за штедење, со полоши услови, со што ја враќа Грција многу чекори назад бидејќи државата со претходната влада била на чекор до напуштање на меморандумот и на контролата од „тројката“. Според информациите на „То вима“, поранешниот грчки премиер Андонис Самарас има одлучено во следните денови да почне полека со силни напади против владата на Алексис Ципрас и против нејзините одлуки, кои смета дека ја враќаат Грција назад во ерата на строгите мерки за штедење, наместо да ѝ помогнат конечно да застане сама на нозе, ослободена од притисоците и од контролите на европските институции.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...