fbpx

Мијалков смее да апси и тоа е проблемот…

-

Сашо Мијалков на Драган Павловиќ-Латас на аудиоснимката од телефонскот разговор:

„Што ти реков јас дека од понеделник ќе почнам да апсам. Завршија изборите и утредента драгаууу“.

Сашо Мијалков на Емил Стојменов:

„Јас ветив една работа, дека од понеделник апсам. Тачно чекав да помине петти јуни, кампањата, да видиме кој е кој и од шести почнувам со апсење… И тоа почнав со тој што е вака… најубав за апсење“.

Ова, како што се слуша на снимката, во еуфоричен тон, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, им го вели на уредникот на „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, и на сопственикот на „Канал 5“, Емил Стојменов, по „апсењето“ на Љубе Бошкоски, еден ден по изборите во 2011 година.

Овие разговори ги објави во рамкмите на третата „бомба“ лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Кога ќе се спомене апсење, обично ваквата постапка се поврзува со полицијата, а не со Управата за безбедност и контраразузнавање.

Дали Мијалков има право да апси?

Професорот на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методија“, Гордан Калајџиев, вели дека УБК ги има овластувањата на полицијата и дека тоа е сериозен проблем, кој, и покрај инсистирањето на стручната јавност и на невладиниот сектор, надлежените, односно Министерството за внатрешни работи, не го решаваат.

Мешањето, односно совпаѓањето на овластувањата на УБК и на Бирото за јавна безбедност, произлегуваат од уредбите во Законот за внатрешни работи и од Законот за полиција, кои, и покрај измените во нив, ништо битно не сменија околу ова прашање.

– Законот за внатрешни работи  не успеа да го реши прашањето за правното регулирање на овластувањата на припадниците на УБК. Оваа материја е правна празнина од донесувањето на Уставот на државата. Решението од Законот за полиција, припадници на Управата за безбедност и контраразузнавање да можат да ги применуваат полициските овластувања, е нејасно и неразработено, што создава простор за слободно толкување во практика (на пример, дали тоа значи дека УБК ќе има специјални вооружени единици во својот состав?). Управата за безбедност и контраразузнавање и Бирото за јавна безбедност со тоа што се органи во состав на МВР, не значи дека надлежностите, овластувањата и предметот на работа можат да си го препуштаат или преземаат во зависност од конкретен случај, туку тоа треба да биде утврдено врз јасни и прецизни законски решенија, засновани на Уставот – вели Калајџиев.

Според Калајџиев, одамна е потребна реформа на службите за безбедност, но таа и понатаму останува табу-тема.

 – Кај нас се води една „тивка“ и никогаш неразвиена расправа за реформата на службите за безбедност. По малку перверзно, многу повеќе време и енергија Македонија потроши на процесите на лустрација на соработниците на поранешниот режим, кои поаѓаа од тоа дека е ноторен фактот дека службите за безбедност од стариот систем функционирале како партиска тајна полиција и биле едни од најголемите прекршители на човековите права. Од друга страна, многу малку се работеше на востановување нов модел на служба што ќе биде сервис за безбедност на демократското општество и која ќе функционира во согласност со принципите на правната држава – вели Калајџиев.

Од ова произлегува и друг проблем, смета Калајџиев, бидејќи УБК е вклучена и во новиот Закон за кривична постапка, во „правосудна полиција“ која е составена од сите органи што имаат овластувања за откривање и за пријавување кривични дела, во делот на откривање на потешките форми на организиран криминал.

– Сигурно е дека службата што од нејзината појава до денес функционира како „држава во држава“ нема со лесно да се потчини на институција како што е јавниот обвинител – смета професорот.

И пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, на оваа тема вели вели дека и полицијата и УБК ги имаат истите овластувања.

– Терминот „апс“, „апсење“ е турски, односно доаѓа од „апсана“, затвор. Кај нас се вели приведување. И полицијата е таа што може да приведе некого и да го задржи максимум 24 часа. По приведувањето, полицијата веднаш мора да го извести судот и јавниот обвинител кои се надлежни за понатамошната постапка. Притворот, пак, го одредува судија на претходна постапка по барање на јавен обвинител – вели Трајанов.

Во новиот Закон за кривична постапка, донесен во 2010 година, покрај „приведување“ е воведен и терминот „лишување од слобода“.

За приведувањето, според новиот ЗКП и Закон за полиција, мора да има наредба од суд, а за лишувањето од слобода – таа не е потребна.

Лишувањето од слобода, всушност, е она што порано беше приведување без судска наредба, во случај кога некое лице е фатено додека извршува кривично дело, кое се гони по службена должност и непосредно по делото.

– Приведувањето е лишување од слобода – вели Трајанов.

Со новиот ЗКП, предвидени се две ситуации за лишување на лице од слобода без наредба од суд, и тоа, лишување од слобода од секого и лишување од слобода од правосудна полиција.

Задржувањето на лицето лишено од слобода може да трае максимум 24 часа.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...