fbpx

ОЈО: Меѓу починатите во пожарот во Тетово се две жени кои не биле ковид-пациенти

-

Две лица од починатите 14 во пожарот во модуларната болница во Тетово, кој се случи ноќта на 8 Септември – Денот на независноста, не биле хоспитализирани во оваа болница, односно не биле ковид-пациенти, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО).

Од обдукциските извештаи што им биле доставени од Институтот за судска медицина, обвинителите утврдиле дека од 14 починати, осум биле жени, а шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата.

„Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани“, велат обвинителите.

Оттаму додаваат дека истражуваат дали овие две починати лица биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини.

Обвинителството разјаснува и други детали кои до сега бе непрецизно изнесени во јавноста преку изјави на очевидци и сведоци. Имено, докторите во модуларната болница, пред самото избувнување на пожарот се обидувале да го спасат животот на млада пациентка.

Но, како што велат од ОЈО, по извршената обдукција утврдено е дека пациентката настрадала од ковид-19.

„По налог на обвинителството извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот“, се вели во соопштението од ОЈО.

Понатаму додаваат дека телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот.

„Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот“, се вели во соопштението.

Обвинителството вели дека презеле мерки за обезбедување на видео-снимки од безбедносните камери од болницата во Тетово, како и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи.

Обвинителите очекуваат анализа на овие видео-материјали да помогне во расчистување на настанот. Во меѓувреме, на социјалните мрежи и на повеќе медиуми се појавија непотврдени копии кои наводно се од безбедносните камери од околните згради до тетовската болница.

„Донесени се наредби до ОКТИВ-Скопје за подигнување матријални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, како и наредби за нивно вештачење, со цел утврдување на причинско-последичната врска за настанување на пожарот“, велат понатаму од ОЈО.

Тие решиле и да ангажираат вешто лице од областа на електротехниката, кој бил присутен и на самото место во опожарениот објект. Обвинителите очекуваат неговата експертиза да „одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот“.

Понатаму обвинителите соопштија дека ги сослушале дел од сведоците од местото на настанот и дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната ковид-болница ноќта кога е избувнал пожарот.

„Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар“, велат обвинителите.

Тие издале наредба до тетовската полиција да ја одземе целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од компанијата изведувач на изградбата.

Покрај другото, обвинителите соопштија и дека проверуваат дали имало евентуални пропусти во почитувањето на прописите за заштита при работа и противпожарната заштита.

„Имајќи ја предвид итноста и карактерот на трагичниот настан, во кој животот го загубија 14 лица, а во соработка и со други надлежни институтции, односно со Дирекција за заштита и спасување, со полициски службеници од ОКТИВ при МВР-Скопје, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, ги презема сите неопходни мерки и активности, со цел да спроведе итна истрага, во насока да се утврдат причините за трагичниот настан,“ појаснуваат од Обвинителство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
Горан Стефановски фото: Општина центар

УКИМ ќе основа Фондација „Горан Стефановски“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) соопшти дека денеска донел одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“. Одлуката ја донел Сенатот на УКИМ, во очи роденденот на...