Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против директорот на Клиниката за неврохирургија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој се товари за примање поткуп.

Како што соопштија од Обвинителството, јавниот обвинител до судот поднел барање на осомничениот да му биде одреден притвор од 30 дена.

Од МВР претходно информираа дека директорот на клиниката бил уапсен вчера, по пријава од граѓанин. Полициски екипи извршиле претрес во службените простории на клиниката заради обезбедување докази за стореното кривично дело.

Од Обвинителството и од МВР засега официјално не откриваат дали и што е пронајдено при претресот, а дел од медиумите, повикувајќи се на извори од истрагата, пишуваат дека полицијата кај него, наводно, пронашла десетици илјади евра.