Охридското езеро останува без концесионер, бидејќи постапката за избор на концесионер која ја спроведува Комисија формирана од Владата, составена од членови од повеќе министертсва, се уште не е завршена.
Kомисијата ги евалуирала комплетните понуди и спровела електронска аукција по која доставила предлог за избор за понудувач кој понудил највисок концесиски надоместок. Но, поради направен наводен превид, веќе има поднесено жалба до второстепената комисија, која пак е надлежна да одлучи по истата, а потоа да даде насоки за натамошно постапување со донесување на решение.
„Се надевам дека со завршување на правните рокови за жалби, ќе видиме како ќе одлучи вотростепената комисија и така и ќе се постапи. Пред време не би можел да судам дали жалбата ќе биде усвоена или не. Така да во тој случај ќе почекаме“ посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
Инаку пред речиси еден месец од ресорното министерство информираа дека фирмата „Летница – Белвица Милорад“ од Струга, на елекстронската аукција понудила највисок надомест за концесија за стопански риболов и највисок концесиски надомест од 100 отсто од вредноста на издадените дозволи за рекреативен риболов. Екологистите и Здуженијата на риболовци, пак, сметаат дека одлагањето на изборот на концесионер, го зголемило рибокрадството и го намалило рибниот фонд посебно на ендемичната охридска пастрмка.
Министерот Димковски вели, дека концесинер на езерото е повеќе од потребен.
„Ако зборуваме генерално, дали е подобро езерото да има концесионер или без концесионер, сите ќе се сложиме дека езеро со концесионер е многу поповолна состојба пред се за рибниот фонд. Државата се грижи токму за тоа бидејќи без стопан знаеме што се може да се случува. Се надеваме дека со давање под концесија ќе се отстрани рибократството во целост, контрола на ловот на риба и порибувањето кое исто така е еден битен сегмент,“ рече министерот.
Димкоски потенцира дека не е добра идејата Министерството да го преземе стопанисувањето со езерото, туку за тоа да се задолжи правно лице или концесионер.
Инаку МЗШВ пред повеќе од една година ја одзеде дозволата на претходниот концесионер поради неисполнување одредени законски обврски.