fbpx

Одржан првиот академски час, студентите ги наполнија амфитеатрите

На првиот академски час, на студентите од различни факултети им се посака добредојде од првите луѓе во образовните институции

-

За илјадници студенти во земјава денеска почна првиот академски час за 2023/2024 година. Секој академски граѓанин денеска влезе на својот матичен факултет со свои очекувања и желби од новата фаза во неговата образовна надградба.

На првиот академски час, на студентите од различни факултети им се посака добредојде од првите луѓе во образовните институции.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити утрово присуствуваа на првиот академски час на Медицинскиот факултет во Скопје.

„Посакувам сите да го дочекате моментот на положување на Хипократовата заклетва и потоа професионално и етички да ја извршувате својата работа. До тогаш учете од оние кои веќе имаат изградено многу генерации пред вас, но надградувајте се и надвор од овие амфитеатри и предавални”, им посака Шаќири на идните академски граѓани.

Тој рече дека здравството е еден од најважните општествени сегменти бидејќи на државата и граѓаните им се потребни квалитетно едуцирани здравствени работници. Истакнува дека студентите направиле вистински избор, базиран првенствено на човечност, хуманост и подготвеност за соочување со фактори кои го предизвикуваат човечкиот живот и здравје.

Министерот вети дека како Влада и Министерство ќе продолжат да се грижат за младите и  да го унапредуваат студентскиот стандард.

Фото: МОН

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, д-р Владимир Атанасовски посака добредојде на 65-та генерација бруцоши заедно со Горан Митрески, основач и генерален менаџер на Кабтел.

„Почнувајќи од денес, вие станувате членови на академската заедница и добивате ширум отворени врати во вашиот втор дом, ФЕИТ. Времето што ви претстои како студенти на ФЕИТ, ве уверувам дека ќе биде времето кое лично вам ќе ви остави најголем животен впечаток”, порача деканот Атанасовски.

Тој потенцира и дека ФЕИТ е единствениот факултет во државата со меѓународно акредитирани студиски програми кои се препознаени од германското акредитационо тело „ASII”.

Горан Митрески го раскажа своето искуство од академскиот живот на ФЕИТ и им порача на студентите да бидат горди што ќе го завршат избраниот факултет.

„Овде ќе слушнете многу, ќе научите многу, ќе научите каде да ги барате решенијата на проблемите и уште поважно, ќе научите како најлесно да доаѓате до решенија на предизвиците. Посакувам многу успех и многу дружба во вашата академска кариера“, рече Митрески.

На ФЕИТ денеска беа доделени и стипендии на најдобрите 10 средношколци од УКИМ,  три стипендии од МАКО-СИГРЕ, шест стипендии од Агенцијата за електронски комуникации и десет стипендии на добитници на дипломи за освоено прво место на државен натпревар.

Фото: ФЕИТ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“. Тој вели дека како и до сега, најдобрите студенти на Факултетот за безбедност ќе бидат дел од МВР.

„Стожер кој низ својот континуитет од основањето во 1977 до денеска може да биде горд на бројка од над 3600 дипломирани студенти во прв циклус, 140 магистри на науки и дури 43 доктори на науки од областа на безбедноста, кој макотрпно продолжува да го гради својот научен кредибилитет од четири и пол децении постоење“, потенцираше тој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Завршија натпреварите „Робомак“ и „Робомак Јуниор“ 2024

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), вчера заврши 12-тото по ред издание на натпреварот „Робомак“ (RoboMac). На овој натпревар учествуваа 22...