Млади новинари од Фондацијата „Метаморфозис“ беа на студиска посета во САД

Дел од редакциите во кои се одржаа средби беа магазинот „Форејн полиси“, потоа реномираниот „Вашингтон пост“, како и онлајн медиумот „Аксиос“

Фото: Фондација „Метаморфозис“

Двајца практиканти во медиумите на Фондацијата „Метаморфозис“, Мета.мк и Портaлб.мк, заедно со двајца претставници на фондацијата, изминатиот период беа дел од еднонеделна студиска посета во Вашингтон, САД. Посетата ја организираше Меѓународниот центар за новинари (ICFJ) кои се повеќегодишни партнери на Метаморфозис.

Покрај средбите кои новинарите ги имаа со претставници на Меѓународниот центар за новинари, тие беа во посета и на неколку редакции и образовни институции. Дел од редакциите во кои се одржаа средби беа магазинот „Форејн полиси“, потоа реномираниот „Вашингтон пост“, како и онлајн медиумот „Аксиос“.

Фото: Фондација „Метаморфозис“

Покрај тоа, беа организирани и серија предавања на тема борба против дезинформации, како и посета на Факултетот за новинарство при Универзитетот Мериленд и на ПЕН Америка. Исто така, беше одржана и средба со повеќе претставници на американскиот Стејт департмент. Најрелевантните теми на студиската посета беа вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз дезинформациите и новинарството базирано на податоци.

Посетата беше финалниот дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука во Северна Македонија“ која Фондацијата Метаморфозис ја спроведува заедно со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ), а со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

Програмата започна со четири обуки за млади од областите податочно новинарство и дезинформации одржани во февруари, март, април и мај оваа година. Најдобрите седум од 40-те учесници беа одбрани за едномесечен практинатски ангажман во медиумите на „Метаморфозис“, односно новинска агенција Мета, Порталб и Вистиномер. Најдобрите двајца од тие седум практиканти беа одбрани за студиската посета во САД.