Судското рочиште е презакажано за 24 ноември

Судскиот процес против втората група демонстранти што предизвикаа нереди за време на протестите по објавувањето на пресудата за случајот „Монструм“, во јули годинава, пред Основниот суд 1 и 2, е одложен бидејќи од вкупно десетмината обвинети, петмина не се појавиле на денешното рочиште, пишува дневниот весник „Вест“.

Според образложението на Судот, двајца од обвинетите не добиле уредна достава, а тројца, иако примиле покани, не се појавиле во судница, по што судењето е презакажано за 24 ноември. Обвинетите на кои им се суди за учество во толпа која ќе предизвика кривично дело, се бранат од слобода и за нив Обвинителството не побарало притвор.

Како што пишува „Вест“, судијката што ја води постапката најавила дека по барање на адвокатите, дел од доказниот материјал ќе биде и предметот од судскиот процес против првата група демонстранти, во кој на осум лица им се судеше за истото кривично дело и за истиот настан.

Шестмина од нив беа осудени на казна затвор од три години, а двајца беа ослободени од одговорност поради недоволно докази. Предметот ќе влезе во доказниот материјал откако ќе биде вратен од Апелациониот суд, каде што се наоѓа на одлучување по поднесените жалби на првостепената пресуда.

Адвокатите на обвинетите најавуваат барање за изземаање на Основниот суд Скопје 1 оти, како што велат, не може оштетениот и да те тужи и да те суди, пренесува „Вест“.

Според Обвинителството, десеттемина обвинети предизвикале инцидент за време на протестите, кога со камења и со бетонски плочки ги оштетиле фасадите на судовите, а повредиле и неколку полицајци. Штетата која што ја предизвикале е проценета на околу 25.000 евра.