Граѓаните од утре во аптеките ќе можат да подигнат лекови без да стравуваат дека се потрошени залихите. Со воспоставувањето на новиот систем за подигање лекови ќе нема квоти за лековите од позитивната листа, со што на граѓаните ќе им се овозможи во било која аптекада го добијат неопходниот лек.
Воедно, кај матичните лекари и во аптеките ќе се врши препишување и издавање на лековите со легитимирање на граѓаните со лична карта или пасош.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев на денешната прес – конференција објасни дека покажувањето лична карта на лекар и во аптека нема да ја отежни процедурата за издавање лекови.
– Постарите лица, децата и сите оние што нема да можат да ги подигнат лековите, тоа ќе може да го направи некој од нивното семејство – посочи Дончев.
Од Фондот за здравствено осигурување потенцираат дека лековите ќе се издаваат под еднакви правила, со што ќе се стави крај на фаворизирањето на компании при дистрибуцијата на лекови.
Очекувањата се дека укинувањето на квотите за лекови од позитивната листа ќе доведе до зголемување на трошоците за лековите од позитивната листа од државниот буџет, но истовремено од Фондот за здравствено осигурување најавуваат засилени контроли во препишувањето и издавањето лекови кај матичните лекари и во аптеките.