fbpx

Од првите лаги до кампањите со лажни вести – и улогата на Балканот во сето ова

-

Уште од првиот момент кога човекот станува свесен за своето постоење, тој станува и склон кон злоупотреба на начините за комуникација за ширење озборувања и, неизоставно, лаги.

Познатиот израелски автор и професор по историја, Јувал Ноа Харари, во својата книга Сапиенс: кратка историја на човештвототврди дека озборувањето е темел на опстанокот на нашиот вид и е еден од главните општествени елементи што ги тера луѓето да градат силни меѓусебни врски.

Со еден малку поинаков начин на размислување, човек може да тврди дека озборувањето е слично или ги дели истите корени со процесот на споделување и кажување лажни информации, нешто што го дефинираме како лажење. Друг, пак, може да тврди дека на почетокот на човековата историја, лажењето во некои случаи се користело единствено како средство за да се протурка некоја ситна агенда или да се поткрепат некои безнадежни аргументи.

На вториот учесник во оваа измислена, анахронична размена на аргументи, ќе му биде мошне тешко да ги докаже своите аргументи во нашево време, време кога луѓето се здобија со џиновски, досега невиден мегафон што сите треба да го слушаат и гледаат – медиумите.

Во текот на последниот период од историјата, медиумите се развија брзо, проследени со напредок во други области на човековиот развој, чиј најзначен претставник е технологијата.

Доколку брзо премотаме напред и стигнеме до  21. век, ќе забележиме дека луѓето изобилно шират лажни информации преку големи сетови на податоци поставени на страници за вести што се основани со единствена цел – масовно лажење на луѓето и брза заработка на пари.

Процесот кој подоцна стана познат како лажни вести, обично гледан со презир од традиционалните медиумски мрежи, секогаш бил дел од медиумската реалност , но со тек на време почна да наоѓа простор во други посовремени канали за вести, најчесто на Интернет.

Потоа следуваа претседателските избори во 2016 година во Соединетите Американски Држави. Кандидатот на републиканците, Доналд Трамп, честопати опишуван како „популист и националист“, влезе во трката како аутсајдер, но откако победи 16 кандидати на републиканците и го победи кандидатот на демократите Хилари Клинтон, ја презеде функцијата претседател.

Во 2017 година најголемите разузнавачки организации во САД понудија докази дека Русија, очигледно дејствувајќи според внимателно испланирани програми на Кремљ, му помогнала на Доналд Трамп да победи на изборите. Кампањите со дезинформации беа во центарот на низата настани што доведоа до влегувањето на Трамп во Белата куќа.

Во последните недели од изборниот процес во САД, деталните истражувања на „Гардијан“ и „БазФид“ открија дека тинејџери од Велес, мал град во Северна Македонија, станале експерти за поставување лажни вести на интернет, што ги таргетирале американските читатели и јавното мислење. со цел да генерираат што е можно повеќе кликови. Некои жители на овој град со околу 50.000 луѓе, одржувале мрежа од околу 100 веб-страници што го поддржуваа Трамп, а најголемиоти дел од нив биле исполнети со лажни вести и сензационализам.

Згора на тоа, основачот и извршен директор на Фејсбук, Марк Закерберг, за „Њујорк Тајмс“ изјави дека корисниците од Македонија ширеле лажни вести во обид да го променат исходот од изборите во Алабама за американскиот Сенат во 2018 година. Оваа изјава беше официјално признание за вклучувањето на фабриките за лажни вести од балканската држава, кои се вмешале во изборите во САД.

Во првото тримесечје на 2019 година, Фејсбук објави дека презел мерки за справување со дезинформациски кампањи коишто произлегуваат од веб-страници од Западен Балкан. Најголемата социјална мрежа во светот соопшти дека ќе затвори повеќе од 200 страници само во Северна Македонија и Косово, кои очигледно споделувале „неприфатлив материјал во врска со прашања поврзани со политика и религија“.

Сè уште не е познато дали страниците биле поврзани со дезинформациските кампањи за изборите од 2016 година па наваму, но Фејсбук вели оти е потврдено дека страниците споделувале лажни вести и спин-пропаганди откако се случи пукањето во џамијата во Крајстчерч, Нов Зеланд, трагично злодело предизвикано од омраза, во кое загинаа 51 лице и имаше голем број повредени.

Останува да се види дали Северна Македонија се изборила со ова прашање, но на проблемите со лажните вести и дезинформациските кампањи Европската Унија редовно се осврнуваше во своите извештаи за напредокот за земјите од Западен Балкан.

Ариан Љумези

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...