Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија денеска донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,11 отсто во однос на одлуката од 9 ноември.

Според одлуката, од вечерва на полноќ малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 1,00 денар за литар, додека цените на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денари за литар, во однос на ониее утврдени на 9 ноември годинава. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, пак, се зголемува за 1,384 ден/кг и ќе изнесува 27,580 ден/кг.

Така, од ноќеска на полноќ, ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе се породава за 60,00 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС -98 ќе чини 61,50 денари, литар ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 51,00 денари, цената на маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) ќе изнесува 51,00 денари за литар, а килограм мазут М-1 НС ќе се продава за 27,580 денари.

„ОПЕК ја за разгледува можноста од значително намалување на производството на нафта и во 2021 година, како резултат на дополнителните ограничувања на движења, наметнати поради пандемијата. Се проценува дека ќе настане умерен пад на глобалните залихи, кој се очекува да се забрза со средината на 2021 година. Во исто време како ценовно чувствителна се рефлектираше информацијата на фармацевската компанија Pfizer, дека вакцините за ковид-19, се покажале ефикасни во 90 отсто кај случаите. Реакцијата на оваа вест во нафтениот сектор предизвика скок на цената на нафтата за повеќе од 10 отсто, што покажува колку се важни позитивните вести поврзани со пандемијата. Растот на цената на нафтата исто така беше и поради падот на доларот и победата на Бајден во САД, со која се најавува завршување на трговската војна со Кина и ЕУ која ја отвори Трамп“, оцени Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Во изминатиот седумдневен период сите референтните цени на светските берзи бележат зголемување: кај бензинот за 8,563 отсто, дизелот за 9,152 отсто, екстра лесното масло за 10,956 отсто и кај мазутот 9,339 отсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,831 отсто, соопшти РКЕ.