Обвинителството отвори предистражна постапка за Иванов за кршење на Уставот

Скопското јавно обвинителство отвори предмет за претседателот Ѓорге Иванов во кој ќе постапува по две кривични пријави во врска со непотпишување на Законот за јазици и Договорот од Преспа.

Предметот е во предистражна постапка и во моментов се преземаат дејствија за проверка на наводите од пријавата. Побарани биле податоци и информации од Собранието на Македонија и од Кабинетот на претседателот за тоа кога се донесени одлуките во законодавниот дом, односно дали и од кои причини не се потпишани од страна на претседателот.

Иванов не го потпиша Законот за ратификација на договорот од Преспа, иако тој беше во два наврати изгласан во парламентот, наспроти претседателското право на „суспензивно“, а не на „апсолутно“ вето. Претходно, тој исто постапи и за Законот за употреба на јазиците. Поради тоа, овие две регулативи не се објавени сѐ уште во „Службен весник“ и не можат да стапат во сила.