Обвинителството ќе им дозволи на тројца онколошки пациенти да имаат увид во предистрагата

Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид

Фото: Ана Марјановиќ, лична архива

Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија. Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид.

Ова го соопшти Јавното обвинителство, откако неколку онколошки пациенти со денови протестираат пред институцијата, барајќи целосно и детално да се разреши скандалот во однос на евентуалната злоупотреба со лекови и биолошка терапија за болните од карцином.

Во четвртокот тие беа примени во обвинителството, а едно од нивните барања беше тројца онколошки пациенти да имаат увид во документацијата, за да се исфрли секој сомнеж за евентуални злоупотреби во предистражната постапка.

Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.

„Во текот на денешниот ден, надлежниот јавен обвинител телефонски го контактираа десетина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да ѝ помогнат на постапката“, велат од обвинителството.

Од јавното обвинителство велат дека ги преземаат сите дејствија за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет, а во таа насока, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.

Онколошките пациенти влегуваат во обвинителството: Бараме вистина и одговорност!