Објавена е првата поема во земјава напишана од вештачка интелигенција

Фото: Современост.мк

Деновиве од печат излезе „Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови“, првата поема напишана од страна на компјутерска програма. Поемата со својот лирско-епски облик го доловува стилот на македонскиот современ писател Стефан Марковски.

Се работи за дело од 85 страници „напишано“ од компјутерска програма, вештачко интелигентниот тест-софтвер Аполон СМ-165.exe.

Во поемата се поставува и прашањето дали она на Калдерон „Животот е сон“ во екстрамодерната технолошка ера не е совршено реализирано како алгоритам, како апстрактна математичка формула. Или, по аналогија, уште дали она на Шекспир дека сме составени од „материјата на сонот“ сега не е преформулирано во „материјата на дигиталната технологија“.

Поемата, која што е резултат на тестирањето на два типа софтвер, поаѓа од еден умствен експеримент во теоријата на вештачката интелигенција познат како Базилискот на Роко. Приложен е и дел од кодот врз основа на кој истата била генерирана од програмскиот јазик Python. Во книгата се застапени и илустрации од Вангел Срнаков.

Поемата е во издание на издавачката куќа „Полица“ и деновиве може да се најде на нивниот штанд поставен на Саемот на книга.