Објавен повик за учество во програмата за кариерно советување на „МладиХаб“

Проектот „МладиХаб“ објави повик за кариерно советување, програма која ќе ги развие вештините за барање и наоѓање соодветно работно место на младите невработени лица.

Програмата е наменета за невработени млади лица со завршено средно образование и има за цел да помогне овие лица да станат поконкурентни на пазарот на трудот со поддршка од професионалци со долгогодишно искуство во областа на кариерното советување.

Учеството во програмата е бесплатно, а експертите на кандидатите ќе им овозможат да постават реалистични кариерни цели и да изработат индивидуален план за вработување.

„Учесниците во програмата ќе направат детална самопроценка на нивните интереси, карактеристики, вештини и вредности и врз основа на овие сознанија ќе постават реалистични кариерни цели. На крајот на програмата, секој учесник ќе има развиено индивидуален план за вработување“, велат од „МладиХаб“.

Како што информираат од таму, дел од програмата ќе се реализира со физичко присуство во Скопје, согласно важечките мерки за заштита од ковид-19 во тој период, а дел ќе се спроведе онлајн.

Кандидатите кои се заинтересирани за учество во програмата за кариерно советување треба да бидат на возраст помеѓу 12 и 29 години, да имаат завршено најмалку средно образование и да не се во редовен работен однос.

Оние кои ги исполнуваат условите треба да имаат регистрирано профил на платформата „CareerHub“ и да го пополнат формуларот достапен на следниов линк, најдоцна до недела, 26 септември.

Проектот „МладиХаб-градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“ го спроведува Националниот младински совет на Македонија, во соработка со CEED Hub Скопје.

Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и е поддржан од Претседателот на Република Северна Македонија. Целта на проектот е да придонесе кон професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции прилагодени на потребите на пазарот на труд.