Објавен повик за средношколски натпревар „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“

Фото: Nick Morrison на Unsplash

По повод одбележувањето Cветскиот ден на водата – 22 март и со цел да се фокусира вниманието на средношколците за важноста за одржливо управување на водата, граѓанската организација Еко логик (Eco Logic) во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“ го објавува повикот за средношколците од источниот дел од Македонија на тема: „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“.

Целта на овој повик е средношколците од општините кои ги опфаќа Брегалничкиот слив да ги изразат нивните размислувања и да понудат креативни решенија за состојбата на водите во местото каде што живеат. Право на учество имаат средношколци кои живеат во општините Штип, Кочани, Свети Николе, Пробиштип, Виница, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Чешиново-Облешево, Зрновци, Карбинци, Лозово и Конче.

„Според најновиот извештај објавен од Институтот за светски ресурси, под исклучително висок ризик да останат без вода или со малку вода во 2040 година се наоѓаат 33 држави во светот, меѓу кои и Македонија. Сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени, а недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. Очекувањето е дека сливот на Брегалница ќе претрпи најголемо влијание од промените на климата и проектираните загуби на вода ќе бидат 24 проценти до 2100 година.“ велат од Еко Логик и ИКС.

При изборот на најдобрите решенија, ќе се оценува иновативната идеја, начинот на нејзиното прикажување, визуелното доловување на актуелната состојба на водата и водните ресурси, како и индивидуалниот ангажман на ученикот да придонесе за својата средина во која живее.

Рокот за пријавување е до 12 април 2021 година, а повеќе информации за повикот може да се најдат на следниот линк.

Предвидени награди за учениците се: велосипед, кацига за велосипед, шише за вода, надворешни гуми за велосипед, светла за велосипед, посета во едукативниот центар за зачувување на природата – Негрево. За наставниците ментори, исто така е предвидена посета во едукативниот центар, како и ваучер за обука. Додека пак, за училиштата е предвидена награда паркинг за велосипед.

Наградите од средношколскиот натпревар, ќе бидат доделени токму кога се одбележува Денот на планетата Земја – 22 април, со посета на Едукативниот центар за зачувување на природата Негрево.

Кампањата „Разбистри сè“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада со Скопје.