Објавен македонски превод на стрипот „Везење“ од Марџан Сатрапи

Романот ги пренесува приказните на три генерации ирански жени од семејството на Сатрапи, од бабата феминистка, мајката стоик, ексцентричната тетка и нивните пријателки и сосетки

„Везење“ од Марџан Сатрапи на македонски јазик во издание на „Бункер“. Фото: Мета.мк.

Издавачката куќа „Бункер“ од Скопје објави македонска верзија на графичкиот роман „Везење“ од француско-иранската авторка на стрип, филмска сценаристка и режисерка Марџан Сатрапи.

Романот ги пренесува приказните на три генерации ирански жени од семејството на Сатрапи, од бабата феминистка, мајката стоик, ексцентричната тетка и нивните пријателки и сосетки. Истовремено хумористични и трогателни, овие разговори со чај опфаќаат теми како љубов, секс, зависности и други секојдневни неволји во меѓучовечките односи.

Издавачот ги објави првите десетина страници од стрипот кои даваат вовед во муабетите кои, водејќи се од зборовите на бабата „озборувањето на другите е луфтирање на срцето…“

Во 2003 година романот „Везење“ беше номиниран за стрип-албум на годината на Меѓународниот фестивал на стрипот во Ангулем, Франција, третиот најголем светски настан од тој вид по оној во Лука, Италија и Комикет, Јапонија.

Сатрапи стекна светска слава со автобиографскиот стрип „Персеполис“ (2003-4), во кој ги опишува детството и младоста во Иран во време на режимот на Шахот и Исламската Револуција, како и животот на мигрантка во Австрија и Франција. Романот беше основа и за истоимениот анимиран филм (2007) кој таа година ги освои наградите на жирито и златна камера на Фестивалот во Кан, каде беше номиниран и за Златна палма, имаше номинација за Оскар за најдобар анимиран филм во 2008 г. и освои неколу „Цезари“ и низа други награди или номинации. Има режирано вкупно пет филмови од кои три се по нејзино сценарио.

Покрај „Везење“, само една друга книга на Сатрапи е преведена на македонски – „Пилешко со сливи“ во издание на „Темплум.

Преводот на „Везење“ од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. Изданието е поддржано од Францускиот институт во Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.