Објавен конкурсот за прием на студенти во државните и приватните студентски домови за студиската 2022/2023 година

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) го распиша конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година. 

За претстојната студиска година за студентите се обезбедени вкупно 4.834 легла во државните и приватните студентски домови, од кои 1.165 се предвидени за студенти од прва година, а 3.669 за студентите од втора, трета, четврта, петта, шеста година и апсолвенти.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година, осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

За пријавување на конкурсот, студентите треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот на МОН. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од утре (18.07.2022) и трае до 05.08.2022 година. Рокот за пријавување на студентите од прва година почнува од 05.09.2022 година и трае до 16.09.2022 година.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи се до пополнување на истите, но најдоцна до 15.11.2022 година.

Повеќе информации околу потребната документација за пријавување и начинот на кој ќе се спроведува истото може да се најдат тука.