Објавен јавниот повик за финансиска помош за ученици, веб-страницата на МОН се отвора со потешкотии

Родителите кои сакаат да аплицираат, документите треба да ги достават до училиштето во кое учи нивното дете. Рокот за аплицирање е до 24 декември

Фото: StartupStockPhotos на Pixabay

Надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) вчера го објавија јавниот повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нетоплата до 50.000 денари. Поради преоптовареност, веб-страницата на МОН се отвора со потешкотии.

Јавниот повик содржи информации за тоа кој има право да аплицира за оваа помош. Како што е наведено таму, кандидатите треба да се пријават во училиштето во кое се запишани учениците. При пријавувањето, кандидатите треба да ги пополнат обрасците за основно образование, односно пријава на родител/старател – поднесувач на барањето, како и изјава од другиот родител/старател. Истото треба да го сторат и родителите на средношколци кои сакаат да ја користат оваа помош.

Потребни документи се копија од трансакциска сметка на еден родител/старател подносител на пријавата, како и потврда од работодавецот за последно исплатена нето-плата на двајцата родители/старатели.

Ако се работи за дете на починат родител, потребен е доказ-извод од книгата на умрените и последен чек од пензија.

Ако се работи дете од разведени родители, потребно е да се приложи доказ-решение од правосилна судска пресуда.

Ако, пак, станува збор за дете на родител-пензионер, треба да се приложи доказ –последен чек од пензија.

Ако се работи за ученик на невработен родител, потребен е доказ – потврда од Агенција за вработување, дека е невработено лице кое не прима паричен надоместок или прима паричен надоместок со наведена сума на паричниот надоместокот.

Неопходна е и изјава од другиот родител/старател за давање согласност, подносител на пријавата да биде таткото/старател, односно мајката/старателка за користење на финансиска поддршка во износ од 1.800 денари за учениците од средното образование, односно 1.200 за учениците во основното образование чие семејство има вкупни месечни приходи од нето-плата до 50 000 денари, наведено е во јавниот повик.

Рокот за пријавување е до недела, 24 декември.

Министерството за образование и наука на месечна основа ќе врши исплата за учениците кои ги исполнуваат условите.

Родителите кои сакаат да аплицираат, документите треба да ги достават до училиштето во кое учи нивното дете.