fbpx

Објава произволно тврди дека вакцините се отров и ги повикува родителите да не ги вакцинираат децата

Согласно правилниците и законите кога станува збор за официјално прогласена епидемија, градинките веќе бараат потврда за целосна вакцинација со ДиТеПер вакцина за децата кои се на предучилишна возраст од Скопје. Откако Комисијата го предложи ова, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења

-

Големата кашлица која сега зема замав кај нас е резултат на недоволната вакцинална покриеност. Ваквите објави кои ги повикуваат родителите да не ги вакцинираат своите деца, се многу опасни и штетни, тие придонесуваат да се шири заразата од оваа болест која долго време беше неактивна, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на Фејсбук тврди дека вакцините се отров и дека дошол денот кога посегнале по нашите деца. Објавата воедно споделува известување за вакцинирање против пертусис (голема кашлица), бидејќи на подрачјето на Скопје е прогласена епидемија и ги повикува родителите да не ги вакцинираат своите деца.

Почнаа со известување по училиштата за вакцинирање на децата. Моето дете нема да се вакцинира и нема да оди на училиште. Отров нема да прими. Дојде и тој ден кога посегнаа и по нашите најмили децата.
Родители не подлегнувајте на ова дејствувајте. За животот на вашите деца се работи, стои во објавата.

Според последните информации (во моментот кога е пишувана оваа реензија,17.02.2023), бројот на заболени од голема кашлица достигна до 46 регистрирани лица во државата. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, за само една недела од 9 до 15 февруари  има зголемување на заразените за 21 процент во споредба со претходниот 7 дневен период. Најмногу заболени и натаму има во Скопје 84,6 отсто, а останатите се во Куманово, Тетово, Гостивар. Најголем број заразени се деца на возраст до 4 години, кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани, јави Телма.

Поради зголемениот број заразени со голема кашлица, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари 2024 година прогласи епидемија на пертусис во Скопје, информираа од Министерството за здравство за Вистиномер.

Претходно, Комисијата за заразни болести препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките. Согласно правилниците и законите кога станува збор за официјално прогласена епидемија, градинките веќе бараат потврда за целосна вакцинација со ДиТеПер вакцина за децата кои се на предучилишна возраст од Скопје.

Откако Комисијата го предложи ова, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења.

Таква е објавата што ја анализираме која во ситуација на епидемија, без да понуди никакви факти и медицински докази, тврди дека вакцините биле отров и дека „дојде и тој ден кога посегнаа и по нашите најмили децата“, без да наведе кои се тие што дошле по децата.

Спротивно на изнесеното во објавата дека вакцините се отров, тие се многу безбедни. На веб-страницата на УНИЦЕФ посветена на вакцинацијата, во делот за прашања и одговори е наведено дека сите вакцини минуваат низ ригорозни безбедносни тестови, вклучително и клинички испитувања, пред да бидат одобрени за јавноста. Земјите регистрираат и дистрибуираат само вакцини кои ги исполнуваат ригорозните стандарди за квалитет и безбедност. Вакцините се исклучително безбедни, а сериозните несакани ефекти се ретки. Речиси сите реакции или непријатности по вакцинацијата се мали и привремени, како што е болка на местото на инјектирање или блага треска. Здравјето на детето е многу поверојатно да биде нарушено поради болест што може да се спречи со вакцина, отколку од вакцина.

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји.

Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

За тоа дека вакцините спасуваат животи укажа и поранешниот министер за здравство, Фатмир Меџити кој исто така дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат животподвлече Меџити.

Големата кашлица или пертусис е акутна заразна болест предизвикана од бактеријата „Бордетела пертусис“. Таа може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи, но најопасна е за новороденчињата и бебињата во првите два месеца после раѓањето до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.

Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година. 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци. Најчесто се јавува кај бебиња и мали деца кои не се вакцинирани воопшто или имаат некомплетна вакцинација со една или две дози на вакцина од потребните три дози кои се примаат во првата година од животот. Кај доенчињата мозочните компликации може да предизвикаат трајни физички и психички пореметувања во развојот на децата.

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето, пишува Дојче веле.

Најдобрата превенција против пертусис е вакцинација против ова високо заразно заболување. Вакцинацијата започнува со навршени 2 месец кај бебињата, а продолжува со вакцини на 4 и 6 месеци, по што следуваат ревакцини на 15-18 месеци и 6-7 години со цел да се одржи заштитата.

Вакцините против пертусис се ефективни, но не се совршени. Вакцинираните индивидуи може да се заразат и да добијат клиничка слика на болеста, но истата поминува лесно, за неколку дена и ретко се појавуваат напади на кашлица.

Според лекарите кај нас, освен вакцина, нема друго чаре за заштита од голема кашлица.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Објавите, како оваа што ја рецензираме, кои ги повикуваат родителите да не ги вакцинираат своите деца, се многу опасни, како по индивидуалното здравје на невакцинираните деца така и по колективното здравје. Големата кашлица која сега зема замав кај нас е резултат на недоволната вакцинална покриеност. Ваквите објави се штетни и придонесуваат заразата да се шири од оваа болест која долго време беше неактивна.

Поради сето погоре, можеме да кажеме дека објавата што ја анализираме е неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...