Новинарство за новата генерација – повик за учество на обука, практиканство и студиска посета на САД

Фото: Мета.мк

Фондација Метаморфозис, во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, отвора повик за учество на млади новинари во Програма за медиумска обука.

Преку работилници, практиканства и студиска посета на САД, програмата ќе им обезбеди на младите новинари неопходни вештини за висококвалитетно известување со користење податоци и потврдени факти, ќе ги запознае со примената на економични дигитални алатки или алатки со отворен код во нивната работа и ќе ги поврзе со колеги со слични размислувања за размена во врска со заедничките проблеми и потенцијалните решенија.

Апликацијата за првата работилница за Новинарство засновано на податоци и визуелизации на податоци е веќе отворена. Право на учество во првата обука за Новинарство засновано на податоци и визуелизации на податоци имаат учесници од Скопскиот и Полошкиот регион. Сите заинтересирани можат да аплицираат на следниот линк. За оваа прва обука (8-10 февруари 2023 година), право да аплицираат имаат жителите од Скопскиот и Полошкиот регион, до 9 јануари 2023 година.

„Фондација Метаморфозис и ICFJ ќе примат апликации за учество за сите четири работилници врз основа на еднаков пристап на сите учесници. Се покануваат да се пријават млади новинари, студенти по новинарство и блогери од соодветниот регион на работилниците наведени погоре“, информираат од фондацијата.

ICFJ и Фондацијата Метаморфозис ќе го спроведат проектот во три фази во текот на 2023 година и тој ќе вклучува четири тродневни работилници за новинарство базирано на податоци, дезинформации/погрешни информации и проверка на факти кои ќе се одржат во различни региони во периодот од февруари до мај.

Програмата вклучува едномесечно практиканство во една од трите медиумски организации на Фондацијата Метаморфозис во текот на летото за четворицата најдобри учесници на работилниците, како и еднонеделна посета на САД, односно на седиштето на ICFJ во Вашингтон, за двајцата најдобри учесници.