Новинарот во Мета и креатор на „Студентарија“, Гоше Николов, ја доби Наградата за младинско учество

Николов беше номиниран за наградата за неговиот ангажман како онлајн активист и креатор на содржини и за реагирањето на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат македонските студенти

Фото: Мета.мк

Новинарот во новинската агенција Мета.мк и креатор на страницата „Студентарија“ (@studentarijamk) на Инстаграм, Гоше Николов, ја доби Наградата за младинско учество во индивидуална категорија што ја доделуваат Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Николов беше номиниран за наградата за неговиот ангажман како онлајн активист и креатор на содржини и за реагирањето на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат студентите во Северна Македонија.

Меѓу активностите што Николов ги остварил преку Студентарија изминатава година, во номинацијата беа нотирани реакцијата за предложените нефер услови за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, за отстранување на дискриминацијата со покачените стипендии, алармирањето на нехуманите услови во студентскиот дом „Стив Наумов“, грижата за менталното здравје на студентите и студентите во социјален ризик.

Николов беше меѓу осуммината номинирани во индивидуална категорија, а организаторите на наградите – НМСМ, информираа дека тој добил најмногу гласови од публиката на онлајн гласањето што беше отворено од 18 јули до 6 август.

Имињата на добитниците на наградата беа соопштени вечерва на настанот Ден на млади што го организираат Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и Младинскиот образовен форум (МОФ).

Покрај Гоше Николов, Награда за младинско учество добија Училишниот спортски клуб ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ и Здружение на граѓани младите можат. 

Сите наградени го поздравија препознавањето на младинскиот ангажман и младинското учество и повикаа младите активно да се вклучат во општествениот живот и решавање на проблемите.