Европската младинска картичка во Македонија е илузија – системот неразработен, попустите тешко остварливи

Само 5 отсто од младите во Македонија велат дека имаат Европска младинска картичка. Но, и покрај тоа што ја поседуваат, немаат фајде од истата. Мнозинство од наведените бизниси замижуваат пред картичките, а младите се оставени во прашалници зошто не можат да ги остварат ветените попусти. Ова го нарушува кредибилитетот на проектот и отвора сомнежи за волјата и капацитетите на институциите надлежни за младите, но и за вистинските намери зад ветувањата

Илустрација: Мета.мк

Ветувањата – неисполнети, трпението на младите – на тест, попустите – одбиени. Во коридорите на бирократските гаранции и ветувања за финансиска помош за младите, некогаш на-големо најавуваната Европска младинска картичка, денес во земјава повеќе е симбол на фрустрација, отколку на зајакнување на младинскиот стандард. Изненадувачки висок процент на млади воопшто и не знаат за постоењето на оваа картичка, исто како и голем дел од бизнисите каде наводно се нудат привилегии. Издавањето на дигиталните картички трае со месеци, но дури и откако ќе ја добијат, младите се прилично ограничени околу тоа каде на македонска територија можат да ја користат.

Во време кога финансискиот товар тежнее врз рамениците на младите, најавата за специјализирана картичка што ја нуди државна институција и која наводно овозможува разно-разни попусти, влева некаква надеж за финансиски олеснувања. Но, што се случува кога примамливите ветувања на хартија или на социјалните мрежи не се остваруваат во реалноста? Попустите што ги нуди Европската младинска картичка во Македонија повеќе наликуваат на „фатаморгана“, отколку на реална придобивка.

Се чини дека само еден од пет македонски бизниси посочени како соработници што нудат попусти, барем судејќи според нашето искуство, го признава постоењето на картичката, оставајќи ги младите сопственици на картичките разочарани и доведувајќи ја во прашање способноста и транспарентноста на системот.

Што е Европска младинска картичка?

Европската младинска картичка ќе ја засили мобилноста и соработката помеѓу младите во земјава, а со вмрежувањето на младите од регионот и Европа ќе ја забрзаме европеизацијата на земјава.

Ова го кажа поранешниот премиер Зоран Заев во една од првите најави за имплементација на оваа младинска картичка во Македонија, при средбата со директорот на Европската младинска картичка (EYCA), Манел Санчез во ноември 2018 година.

Картичката во земјава постоела и порано, па со мало пребарување на интернет може да се заклучи дека била актуелна и во 2013 – 2014 година.

Станува збор за картичка наменета за млади лица од над 30 земји од Европа, а со која им се овозможени десетици илјади попусти за услуги, производи, патувања, култура, сместување и образование низ вкупно 36 европски држави.

Картичката има различни имиња во различни земји. Во Шпанија е наречена „Carnét Joven“, во Шкотска „Young Scot Card“, во Италија „Carta Giovani“, додека во Македонија го носи името „Европска младинска картичка“.

Картичката ја издаваат и управуваат организации и институции кои се членки на Европската асоцијација за младински картички. Во нашата држава тоа е Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Националните организации кои ги издаваат картичките се обврзани да ја промовираат мобилноста, здравиот начин на живот и активното граѓанско учество на младите.

фото: Европска младинска картичка – EYCA / Фејсбук

Покрај Агенцијата, која го спроведува, носител на проектот кај нас е Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Ваква картичка во земјава бесплатно можат да добијат сите лица на возраст од 15 до 29 години, без да треба да исполнуваат некакви дополнителни услови. Картичките се унифицирани, па со младинската картичка што ја поседуваат младите државјани на Македонија, освен во земјава, можат да ги користат поволностите и услугите што се нудат во сите други 35 европски држави.

Аплицирањето за картичката се врши онлајн на интернет-страницата mladinskakarticka.mk. Рокот на траење на картичката е 2 години, со можност за обновување сè додека корисникот е во рамките на дозволената возрасна граница.

„Картичката им дава можност на младите да патуваат, запознаат нови луѓе и да склопат нови пријателства низ цела Европа. Исто така, преку картичката младите можат да се едуцираат, да научат нови работи и да ја започнат својата кариера, да направат вистинска промена во заедницата, да бидат добро информирани и активни граѓани кои го обликуваат општеството. Младите треба да го искористат својот целосен потенцијал, да бидат повеќе и да прават повеќе“, ќе каже Агенцијата за млади и спорт за овој свој проект.

Издавањето на картичките во Македонија со месеци на „пендинг“

„Аплицирањето никогаш не било побрзо и полесно“, вели Агенцијата на интернет-страницата за младинската картичка. Но, истото не може да се каже и за нејзиното издавање. Чекањето на картичката, во одредени моменти се чини како залудно.

За оваа картичка ние првпат аплициравме на 23 јануари 2024 година. Аплицирањето е навистина брзо и лесно – се пополнуваат основни податоци и се прикачува фотографија, по што на мејл веднаш ви пристигнува порака како потврда.

„Ви благодариме што аплициравте, користете попусти и поволности на голем број услужни и продажни дејности во Р. Северна Македонија“, ни велат во автоматската порака што ни стигна од Европската младинска картичка.

Но, попустите и поволностите не можеме да ги користиме, затоа што до денес – повеќе од еден месец откако аплициравме, картичка воопшто не добивме. Колку ќе чекаме, не се знае, а искуството на младите што ја добиле картичката или – исто како и ние – се во исчекување, се прилично разочарувачки.

И додека оние што аплицирале поодамна, за Мета.мк велат дека картичките ги добиле во просек за две до три недели, тие чии апликации во моментов се процесираат, картичките за попусти ги чекаат со месеци, а некои дури и повеќе од една година.

„Аплицирав во 2021, никогаш не ја добив“, „Еднаш пред 4 месеци и пак пред 2 месеца, немам никаков одговор добиено уште“, „Веќе 6 месеци ја чекам истата“, „Јас лани аплицирав и ништо, никаква картичка не ми стигна“, „Аплицирав можеби 5-6 пати веќе. Од 2020 досега, уште ја немам добиено“ – се дел од одговорите на младите на кратката анкета што Мета.мк ја спроведе преку Инстаграм страницата „Студентарија“.

Од Агенцијата за млади и спорт во ноември минатата година соопштија дека Европската младинска картичка се дигитализира, па од тогаш е достапна само во онлајн форма.

„Со цел да се подобри и олесни процесот на користење, младинската картичка ќе се издава исклучиво во онлајн форма и преку неа ќе се овозможи дополнителен комодитет и пристап до сите бенефиции и попусти коишто следуваат“, соопштија од АМС на 17 ноември 2023 година.

Иако суштината зад дигитализацијата е процесите да се олеснат и забрзаат, во случајов со македонската Европска младинска картичка се чини обратното – издавањето на картичката доцни откако процесот се дигитализираше.

Од Агенцијата за млади и спорт за Мета.мк велат дека периодов сите млади што добиле ваква физичка картичка од нејзиното воведување во земјава, добиваат мејл со инструкции како да ја дигитализираат.

До овој момент, Агенцијата издала преку 7.000 картички, додека во процес на разгледување во моментов се околу 500 апликации. Агенцијата најавува дека откако ќе заврши дигитилизирањето на сите физички картички, нема да бидат потребни „повеќе од 72 часа“ за да се добие електронската младинска картица.

„Во физичка форма ни беше потребно од 3-4 недели за завршување на целокупниот процес на издавање од моментот на апликација до нивно подигање од следниве причини: Откако ќе стигне апликацијата, ги обработуваме податоците, истите се носат во компанија за изработка, се враќаат назад во АМС, повторно се пребаруваат податоците, се испраќа СМС-порака од која пошта треба да се подигне младинската картица и истите беа препраќани по пошта. Многу од младите не одеа да си ги подигнат картиците и истите беа враќани назад во АМС. На сите тие им беа праќани по втор и трет пат. Поради овие причини, работевме на усогласување со ‘EYCA’ за да можат нивната апликација да ја користат нашите корисници. Откако ќе ги трансформираме сите апликации од физичка во електронска форма и сите оние кои немаат добиени картици во физичка форма, нема да ни треба повеќе од 72 часа за да се добие елeктронската младинска картица“, велат во Агенцијата за млади и спорт.

За младинската картичка првпат слушаат и младите, и бизнисите што „нудат попусти“

Само 5 отсто од младите во Македонија поседуваат Европска младинска картичка, покажа анкетата на Мета.мк на Инстаграм. Останатите 95 проценти од вкупно 5.239 лица што одговориле на анкетата, рекле дека немаат ваква картичка.

Дури 71 отсто од младите велат и дека првпат слушаат за постоењето на Европската младинска картичка. Една петтина од оние што одговориле (20 отсто), слушнале за картичката, но не знаат што е, додека само 9 проценти одговориле дека знаат што претставува овој проект.

Но, младите како корисници не се единствени што првпат слушаат за постоењето на Европската младинска картичка.

Додека истражувавме каде сè во земјава оваа картичка нуди поволности, наидовме на зачудувачки реакции од вработените, па дури и од сопствениците на бизнисите кои се посочени како места кои нудат попусти со Европската младинска картичка.

„Да ви кажам искрено првпат слушам за вакво нешто“, ни рече сопственичката на салон за убавина кој на официјалната интернет-страница на младинската картичка е посочен како бизнис кој нуди 10% попуст на услугите.

Всушност, најголем дел од презентираните попусти преку младинската картичка се движат околу 10 отсто. Иако намената на картичката, меѓу другото, е на младите да им понуди можности за стекнување со образование, вештини и да се ангажираат во заедницата, во Македонија картичката главно овозможува попусти во угостителски објекти, бутици и продавници. Попусти за курсеви и обуки се нудат само на два факултета и едно средно училиште, додека во дејноста „Култура“ се наведени Филхармонија и Македонска опера и балет кои нудат попусти од 50 проценти на одредени изведби.

Неумешно се поделени и испреплетени и дејностите, што дополнително ги збунува корисниците што би биле заинтересирани да се информираат за попустите на младинската картичка.

Друг податок што го утврдивме е дека најголем дел од фирмите што нудат попусти преку Европската младинска картичка се наоѓаат во Скопје, а многу помалку во останатите градови. Младите кои живеат во Валандово, Демир Хисар, Дебар, Кратово, Крушево, Пробиштип и Ресен немаат никаква корист од оваа картичка, затоа што во овие и во многу други македонски градови преку неа воопшто нема попусти.

Младинската картичка не може да се искористи никаде во Валандово / фото: mladinskakarticka.mk (принтскрин)

Но, дури и таму каде што има попусти, истите не се остварливи. Мета.мк се јави во 21 компанија кои се посочени како бизниси што нудат попусти со младинската картичка. Фирмите ги биравме по случаен избор, но се трудевме да вклучиме повеќе дејности и различни градови. Резултатот е изненадувачки: од 21 фирма, само 4 рекоа дека ја признаваат Европската младинска картичка.

„Јас работам тука од осумдесет и некоја, така што да имавме попуст со некоја ваква картичка, сигурно ќе знаев“, ни рече вработен во еден струшки хотел кога се јавивме да прашаме дали со Европската младинска картичка можеме да го оствариме посочениот попуст од 10 проценти на хотелски услуги.

Затечени од нашето прашање беа и неколку вработени и сопственици на скопски кафулиња, ресторан во Крива Паланка, пицерија во Кочани, кавадаречка слаткарница, прилепска спортска продавница, неколку спортски центри и тениски академии.

Сите ни рекоа дека првпат слушаат за Европската младинска картичка и дека никој досега не побарал да искористи попуст преку неа.

Ист одговор добивме и од кугланата и пинг-понг клубот во рамки на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, каде наводно, според страницата на младинската картичка, се нуди попуст од 50 (за кугланата), односно од 20 отсто (за пинг-понг).

Дел од бизнисите ни рекоа дека порано соработувале со Агенцијата за млади и спорт, но договорите сега биле истечени. Добар дел од бизнисите што се обидовме да ги добиеме, повеќе не ни постојат, а сè уште фигурираат на страницата на младинската картичка.

Од друга страна, дека кај нив можеме да оствариме попусти ни потврдија туристичка агенција и фитнес-центар од Скопје, автошкола од Битола и продавница за автоделови во Радовиш.

Во една скопска слаткарница и струшка оптика, пак, ни рекоа дека не соработуваат со младинската картичка, но се понудија да ни ги овозможат попустите „штом веќе нè пишува таму на страницата“.

И младите на анкетата на Мета.мк споделија лоши искуства. Голем дел од оние што ја поседуваат картичката велат дека досега не искористиле ниту еден попуст.

„Вработените не се известени за картичката“, е најчестиот одговор за причините поради кои попустите се неоствариливи.

Од друга страна, неколкумина млади одговорија дека во земјава не оствариле попуст со младинската картичка, но затоа во Европа искористиле попуст на автобуски превоз и во неколку европски музеи и културни институции.

На прашањето како во пракса функционира картичката и со какви проблеми се соочуваат младите корисници и компаниите, од Агенцијата за млади и спорт, кои се надлежни за ова прашање, ни одговорија:

За сите поплаки околу користењето на услугите со наведените правни субјекти, стапуваме во контакт со истите и се обидуваме да ги решиме сите недоразбирања.

Непознавањето на младите на Европската младинска картичка не изненадува ако се знае дека проектот веќе четири години не се промовира активно, па дури ни онаму каде што младите се најприсутни – на социјалните мрежи. Последните објави на наменските страници на Фејсбук и Инстаграм се од јануари 2020 година.

Од АМС најавуваат зголемување на бројот на правни субјекти кои ќе понудат попусти за корисниците на младинската картичка „во иднина“.

Додека да дојде иднината, картичката која во поголемиот дел на Европа функционира без проблем, во Македонија останува неразработена и закочена во нефункционалниот систем, но истовремено и самореклама на политичките лидери.