fbpx

Новинарите се згрозени од прислушувањето

-

Како што објави на денешната прес-конференцијата лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најприслушуван новинар во Македонија од Управата за безбедност и контраразознавање бил сопственикот и уредник на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Но, како што рече Заев, од оправдани причини нема да ги објават разговорите, а ќе постапат на начин за кој ќе одлучи семејството.

Денеска, заедно со досието на Младенов, свои разговори подигнаа и новинарите Борјан Јовановски, Биљана Секуловска, Горан Михајловски, Катерина Блажевска, Сашка Цветковска, Мери Јордановска, Јадранка Костова, Младен Чадиковски, Оливера Трајковска, Мухамед Зекири, Снежана Лупевска, Насер Селмани, Бранко Героски, Жарко Јордановски и  Ирена Мулачка.

Некои од нив, по заврушувањето на прес-конференцијата, изјавија дека се згрозени од фактот дека некој ги прислушувал нивните разговори неколку години.

Новинарката Сашка Цветковска вели дека не се чувствува пријатно и дека ќе бара одговорност затоа што долго време биле следени и слушани.

– Не се чувствувам пријатно. Папките покажуваат дека новинарите од „А1“ се следени и во периодот кога работела телевизијата и во периодот понатаму. Јас не знам дали тоа уште трае, но ако трае, мора да престане. Новинарите во Македонија не се непријатели на својата држава и не се непријатели на својот народ. Дефинитивно ќе бараме одговорност за сето ова време во кое сме биле следени и слушани, но пред сè би сакале да знаеме како тоа дошло мобилните оператори да одобрат прислушување на толку многу луѓе, не само новинари и од нив е следната инстанца од која лично јас, а се надевам и други колеги, ќе барам одговор – рече Цветковска.

Мери Јордановска вели дека е згрозена од снимките и дека има чувство како да е соголена пред државата.

– Јас сум згрозена. Од она што можев да видам, станува збор за периодот по затворањето на телевизија „А1“ и во периодот кога работев за „Фокус“. Имам чувство реално како да сме соголени пред државата дека ги издаваме не само нашите и приватни и службени информации, туку ги издаваме и лицата со кои сме разговарале. Тука се става под знак прашалник целото функционирање на овој систем, на транспарентноста на оваа власт и на сите методи со кои се служи власта на ваков брутален, груб, суров и нехуман начин да се откријат новинарските информации – изјави Јордановска.

Мухамед Зекири, главниот уредник на телевизијата „Алсат“, вели дека не е изненаден од прислушувањето и дека е горд затоа што успеал да го зачува критичкото мислење во време на ваква власт.

– Можам да кажам дека сум горд како што треба да бидат сите мои колеги кои биле прислушувани од оваа тоталитарна власт затоа што имале критично мислење. Ние треба да сме горди затоа што навреме сме биле визионери и сме знаеле со кого си имаме работа. Но, на ова мора да се стави крај, ние мора да пратиме порака дека сите ние сме Никола Младенов – вели Зекири.

Оливера Трајковска вели дека новинарите по овие снимки треба да се чувствуваат поразено.

– Не можам да речам дека сум изненадена, но мислам дека најголемиот дел од нас треба да се чувствуваат поразени бидејќи денеска требаше да дојдеме  и да слушаме аудиоснимки како крунски доказ за тоа што секој од нас го тврдеше целиот овој период, особено дека во медиумскиот простор нас ни конкурира креирана вистина. Затоа што невозможно е ексклузивна фотографија, тонско парче да имаат во вестите сите три телевизии, беше јасно од каде се произведува вистината –  вели новинарката Оливера Трајковска.

Анета Додевска вели дека запрепастува фактот што биле прислушувани стотина новинари, а од она што можело да го види во документите, станувало збор за исклучително подолг период.

– Она што дополнително запрепастува, ако може да се верува на она што го образложија од партијата, е дека зад тоа стои Управата за безбедност и контраразузнавање – вели новинарката Додевска.

Горан Михајловски,  главниот уредник на  „Вест“, само ни ја потврди автентичноста на снимките што ги добил.

Новинарката Катерина Блажевска вели дека се чувствува инхибирано.

– Мене телефонот ми е главно оружје во работата, како јас понатаму да продолжам да работам и да разговарам и со политичари и со јавни личности. Разочарана сум што од првото прислушување не се најде начин и механизам ова да се запре – рече Блажевска.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...