
Непал ја забрани кинеската апликација ТикТок со изговор дека нејзината содржина била „штетна за социјалната хармонија“. Одлуката доаѓа неколку дена откако оваа јужноазиска држава воведе ново правило со кое се бара од фирмите за социјални мрежи да отворат канцеларии во оваа земја.
Министерката за комуникации и информатичка технологија на Непал, Река Шарма за Би-би-си Непал изјавила оти платформата шири злонамерна содржина. Таа додава оти забраната ќе стапи на сила веднаш и дека телекомуникациските власти се упатени да ја спроведат одлуката.
Сепак, Гаган Тапа кој е висок лидер на непалскиот Конгрес и дел од коалициската влада, ја доведе во прашање одлуката за забрана на ТикТок, тврдејќи дека станува збор за обид да се ограничи слободата на изразување и дека официјалните лица треба да се фокусираат на регулирање на платформата.
Според извештаите на локалните медиуми, во Непал во последните четири години биле регистрирани повеќе од 1.600 случаи на сајберкриминал поврзани со ТикТок.
ТикТок се најде под лупа на властите ширум светот поради загриженост дека пристап до податоците на корисниците може да има кинеската влада. Матичната компанија зад апликацијата – „Бајтденс“, ги негира ваквите тврдења.
ТикТок досега е забранет во неколку земји, вклучително и во Индија. Претходно годинава, Монтана стана првата американска држава што ја забрани апликацијата.