Раководството на Македонската – радио телевизија (МРТ) и владата имаат спротивни ставови околу околу висината на средствата што ќе ги добие јавниот радиодифузен сервис за 2020 година. А тоа, според МРТ ќе се одрази на платите на вработените. И покрај тоа што планираше од државата да добие околу 21 милиони евра, МРТ сега, преку новиот финансиски план објавен на веб-страната откри ќе остане покусо за над 6 милиони евра.

МРТ пресметките ги правела во согласност со законот и очекувала дека од државниот буџет за годинава ќе добие 0,9 отсто наменети за финансирање на радиодифузната дејност. Сепак, владата годинава ќе им префрли околу 14,5 милиони евра, што е идентичната сума што ја добиле во 2019 година, се вели во „Финансискиот план за изменување на финансискиот план на јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2020 година“.

„Со оваа измена на финансискиот план, најголем дел од првично планираните износи се намалени, со што пак, ќе биде доведено во прашање тековното работење на МРТ,
односно, реализацијата на голем дел од претходно планираните активности не ќе
може да се спроведе“, се наведува во документот.

Раководството на јавниот радиодифузен сервис во објавениот документ ги посочува сите корекции на трошоците што ќе ги направи поради измените на финансискиот план. Меѓу другото, најзабележливо е намалувањето на трошоците за вработените во висина од над 680.000 евра, со кои директно ќе се удри по џебот на кадарот што работи во МРТ.

„Во 2020 година ЈРП МРТ нема да има можност да ја усогласува минималната нето плата на вработените со минималната нето плата на ниво на РСМ, нема да биде во можност да исплати регрес за годишен одмор на вработените, ниту пак ќе биде во можност да објави оглас за нови вработувања“, пишува во финансискиот план.

На прашањето на „Мета.мк“ од која причина во овогодинешниот буџет на МИОА се скратени првично планираните средства за МРТ и зошто им се префрлени помалку средства за 2020 година од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) тврдат дека во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е наведено дека скалесто покачување на процентот од државниот буџет издвоен за јавниот радиодифузен сервис ќе има доколку има доволно средства во буџетот за тоа.

Од МИОА одговорија дека помалку средства за МРТ од државниот буџет за годинава се издвоени поради тоа што раководството не ги исполнило препораките од голем број на меѓународни и домашни релевантни институции дека е неопходна стратегија за реформа на јавниот радиодифузен сервис.

– Владата одлучи дека во отсуство на волја и посветеност да се реформира јавниот сервис, во отсуство на стратешки документ со план за подобрување на состојбата и справување со големиот повеќегодишен долг, буџетот да го посвети на проекти кои се за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани, како што е зголемување на пензиите за 700 денари и останати социјални проекти – велат од МИОА.

Од Министерството уште тврдат дека актуелното раководство е со „невалиден мандат“ поради блокадата во Собранието за избор на ново раководство и Програмски совет. Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, со која раководи опозицијата, требала да ја заврши постапката за избор на новиот Програмски совет најдоцна до 27 мај 2019 година, односно на собраниска седница да бидат избрани новите членови најдоцна до 31 мај. Постапката за избор не е направена, а моменталниот состав на Програмскиот совет на МРТ е со истечен мандат уште од декември 2019 година.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.