Секое училиште треба да обезбеди услови за одржување менструална хигиена

Мијалник, влошки, тампони, менструални чашки, сапун, хартија и две корпи за ѓубре. Ова е сѐ што е потребно да се направи и обезбеди во постоечки училиштен тоалет, за да можат девојчињата во нормални услови да одржуваат менструална хигиена.  Ученичките во основното училиште „Гоце Делчев“ во Ресен, од денеска ги имаат потребните услови, бидејќи беше пуштен во употреба вториот адаптиран тоалет за управување со менструалната хигиена во Македонија.

На настанот присуствуваа Ричард Милион, програмски директор во Амбасадата на Велика Британија во Скопје, Наташа Доковска од Новинари за човекови права, градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски како и претставници од училиштето.

Доковска информира дека девојчињата кои се во сексуално-репродуктивниот период, добиле и производи за управување со менструалната хигиена за наредните три месеци.

– Со ова сакаме да ја поттикнеме и локалната власт, но и државата да го имплементира трендот на давање на бесплатен пакет за справување со менструалната сиромаштија, како што е примерот со Британија. За остварување на целта 6.2 која бара целосна достапност до санитација и хигиена на сите, посебно за девојчињата, апелираме во секое училиште да се адаптира барем еден тоалет за управување со менструалната хигиена. Ги повикуваме претставниците на бизнис-заедницата, да донираат пакети и тоа да стане пракса. Ова не е лускус туку се основно човеково право – вели Доковска.

Ние предлагаме, додава таа, еден процент од профитот на компаниите, секој месец да се намени за набавка на влошки, тампони, хартија и сапун за училиштата.

– Секоја компанија може да дава, затоа што еден процент за нив е ништо. На тој начин ќе им го вратиме достоинството и самодовербата кај девојчињата – додава Доковска.

Еден адаптиран тоалет не е голема инвестиција. Она што треба да се направи е во постоечките тоалети во училиштата, во тоалетната кабина да се постави лавабо и да се постават две корпи за отпад, едната за тоалетна хартија, а другата корпа за санитарните производи. Потребно е и да се вгради диспанзер за течен сапун.

Ова е втор ваков адаптиран тоалет кој беше прилагоден во рамки на проектот на „Новинари без граници“ со поддршка на Британската амбасада. Првиот беше отворен во основното училиште „Андреј Савески Кикиш“ во Тетово.


Како што веќе објави „Мета.мк“, истражувањето на Институтот за јавно здравје и на „Новинари за човекови права“, покажа дека цели 90 отсто од ученичките од руралните средини отсуствуваат од училиште четири до пет дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат два до три дена поради истите причини. Како причини за ова се наведени несоодветните услови за управување со менструалната хигиена на училиште или работно место, како и високата цена на средствата.

Една од идеите за намалување на цената на чинење на производите за менструална хигиена е да се намали Данокот на додадена вредност за овие производи од 18 на 5 проценти.

Инаку, од 20 јануари годинава Велика Британија воведе систем за бесплатни средства за менструална хигиена во сите образовни институции. Сето тоа како резултат на кампањата #freeperiods која во 2017 година ја започна тогаш 17 годишната Амика Џорџ.

„Апсолутно сме воодушевени што секое училиште/колеџ во Англија може да нарача бесплатни продукти за менструална хигиена почнувајќи од понеделник“, напиша Амика на нејзинот Твитер профил.