Водата во Гевгелија содржи 10 пати повеќе арсен од дозволеното, а веќе 37 месеци државната Агенција за храна и ветеринарство има издадено решение за забрана на употреба на водата од бунарите кај Моин, од кои се врши водоснабдување на Гевгелија. Три години од откривањето на арсенот во Гевгелија нема ниту деарсенификатор, ниту нови извори, ниту нови бунари за водоснабдување на гевгеличани.
Институтот за јавно здравје на барање на граѓанската иницијатива „Арсена“, на 2 јули годинава направиле анализа која покажала дека во еден литар вода има концентрација од 17,86 микрограми арсен, а дозволената горна граница е 10 микрограми.
Од граѓанската иницијатива „Арсена“ велат дека Јавното претпријатие „Комуналец“, иако е законски обврзано, не ги известува јавно граѓаните за содржината и за квалитетот на водата од градскиот водовод. Затоа од иницијативата прават повремени анализи, кои потврдуваат дека арсенот сè уште тече низ гевгелиските чешми.
Според „Арсена“, цената на водата треба да се намали на ниво на техничка вода бидејќи е неупотреблива за пиење и за готвење и бараат субвенционирање на граѓаните со пакувана чиста вода преку отварање специјализирани продавници по дисконтни цени, без дистрибутивна маржа.
„Овие иницијативи беа доставени до ЈП „Комуналец“, до градоначалникот и до Советот на Општина Гевгелија. По три месеци без одговор, дознавме дека никој од советниците не ги добил материјалите од „Арсена“. Подготвивме нови материјали од иницијативите и ги доставивме поединечно до секој од 17-те членови на Советот на Општината. Материјалите никогаш не стасаа на седница на Совет. Само градоначалникот одговори дека иницијативите би ја нарушиле финасиската стабилност на јавното комунално претпријатие. Така, гевгеличани, три години по забраната за користење на водата од државната Агенција за храна и ветеринарство, поради неодговорност на локалните надлежни власти, уште добиваат вода со отровниот елемент арсен, а ја плаќаат како чиста вода за пиење“, велат од „Арсена“.
За проблемот со присуството на арсенот во гевгелискиот водовод, од „Арсена“ ги известиле Министерството за здравство, Министерството за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство, Републичкиот санитарен инспекторат, Инспекторатот за јавно здравје, а поднесена е и претставка до Јавното обвинителство во Гевгелија и до Основниот суд во Гевгелија, со барање одговорност за непостапување во однос на заштита на граѓаните од отровниот елемент арсен кој тече низ гевгелискиот водовод.
„Општина Гевгелија во април годинава најви дека има проект за нови бунари за водоснабдување на Гевгелија, во вредност од 2,31 милиони евра. Донесе одлука за аплицира за грант од ИПА-програмата за рурални подрачја, иако Гевгелија не е рурална средина, во вредност до 260.000 евра. Сепак, деновиве општински претставници заедно со претставници од ЈПКД „Комуналец“ продолжија со средби со кредитори од „КФВ банка“, што е доказ дека финансиската конструкција на проектот е непокриена во целост и дека тој би претставувал долгорочно задолжување на Општината“, велат од „Арсена“.
Проблемот на гевгеличани минатата недела стигна и до Собранието, кога пратеникот Сашо Поцков од СДСМ поднесе амандман на буџетот за 2016 година, со кој побара 2 милиони евра за изградба на нови бунари за водоснабдување на Гевгелија. Владиното мнозинство при расправата во Комисијата за финансирање и буџет го одби амандманот.
„Бидејќи надлежните во Општината очигледно сакаа да го забошотат присутниот проблем, „Арсена“ продолжи со акции за информирање на граѓаните за присуството на отровот во водата, за потребата да не се користи за пиење и за готвење, зашто тоа е тежок метал што не испарува ниту при вриење. Имавме донаторски акции со пакувана вода за социјално загрозените и ранливи категории граѓани, одржавме здравствено-едукативни трибини за влијанието на арсенот врз човековиот организам и музички перформанси за приближување на пораката до младите дека треба да пијат чиста вода“, додаваат од „Арсена“.