Неколку часа не функционира веб-страната на Министерството за образование и наука

На првиот ден од учебната година, веќе неколку часа не функционира официјалната веб-страна на Министерството за образование и наука. Од МОН засега нема официјално известување која е причината зошто веб-страницата не е во функција.

Учениците, студентите, родителите, но и сите засегнати немаат увид во информации неопходни за учебната година кои се објавени на веб страната на МОН, како за распоредот на часови што ќе се емитуваат на платформата Едуино на МРТ, но и за резултатите за сместување во студентски дом.

Засега распоредот за онлајн часови за учениците од прво до трето одделение, може да се прочита на фејсбук-страната на министерката за образование и наука, Мила Царовска, каде таа синоќа го објави.

Ова не е првпат веб-страната на МОН да не функционира. Пред два месеци, истата беше под хакерски напад.