Пазарџиите од Зелениот пазар во Скопје утринава предизвикаа сообраќаен хаос во централното градско подрачје со блокадата на улицата „Св. Кирил и Методиј“ пред седиштето на „Макпетрол“. Тие се незадоволни од зголемувањето на цената на паркингот кај пазарчето на 70 денари за еден час, бидејќи со ваквата одлука им се намалува прометот на пазарот. Пазарџиите бараат од Паркинзи на општина Центар (ПОЦ) да воведат бесплатен паркинг од еден час за купувачите на пазарчето. Доколку не се ревидира одлуката за повисока цена од Советот на општина Центар, пазарџиите се закануваат дека ќе продолжат со протестите.

Од ПОЦ реагираат дека затвореното паркиралиште „Авто Македонија“ со години било злоупотребувано и преоптоварено од луѓето што работат на Зелениот пазар. За да се среди состојбата со овој паркинг, ова јавно претпријатие вовело нов систем за препознавање на регистарските таблички и систем со двојни рампи за контрола на пристапот на возила. Воедно, на пазарџиите им е дозволено да вршат бесплатен дотур на роба во периодот од 5 до 7 часот наутро.

Зголемената цена за паркирање за еден час од ова јавно претпријатие ја оправдуваат со потребата на жителите од околните згради да им се обезбеди полесен и побезбеден пристап до паркинг. Од ПОЦ нагласуваат дека приоритет при паркирањето треба да им се даде на оние граѓани што живеат на оваа локација, а воедно и секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем за пронаоѓање паркинг места.

„ЈП Паркинзи на општина Центар смета дека решението на проблемот треба да се бара во Скопски Пазар кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги, а не решението да се бара во злоупотреба на јавна површина“, се вели во нивната реакција.

Проблемот со недостигот на паркинг места е хроничен на територијата на општина Центар, каде што ПОЦ на жителите има издадено за околу 4.000 повластени паркинг карти повеќе од постојниот капацитет на паркинзите со кои управува ова јавно претпријатие. На територијата на целиот град, проценките се дека приближно во моментов недостигаат околу 8.000 паркинг места за да се надмине овој проблем.

Поради недостигот на паркинг места, цената на паркирањето пред неколку дена беше зголемена од страна на Советот на општина Центар, но ваквиот чекор засега не го следи и Градот Скопје. Како резултат на тоа, цената за паркирање на паркиралиштата „Кочо Рацин“, „Градска болница“ и „ЗОИЛ“ околу Зелениот пазар, со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“, изнесува 35 денари за еден час, односно двојно поевтино од паркиралиштата на ПОЦ.