fbpx

Не е вистина дека ќе ѝ ги донираме хеликоптерите на Украина

-

Објава на Фејсбук шири невистини дека нашата земја ќе ѝ донира хеликоптери на Украина. Вистиномер праша во Министерството за одбрана, од каде што ни одговорија дека „нема таква одлука и во овој момент не се размислува за таква донација“. Ваквата дезинформација се појави откако медиумите информираа дека државата потпишала договор со Чешка за ремонт на два хеликоптера. Но, во вестите објавени за овој настан нема ниту збор за тоа дека после ремонтот хеликоптерите ќе ѝ бидат донирани на Украина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека С. Македонија ќе ѝ донира хеликоптери на Украина. Оваа информација е неточна.

Севернава вукојебина првин ќе ги реновира, а дури потоа ќе ги донира на Украина.

Тврдењето дека С. Македонија ќе ѝ ги донира хеликоптерите на Украина се појави откако медиумите информираа дека нашата држава потпишала договор со Чешка за ремонт на хеликоптерите.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска и амбасадорот на Чешка во Скопје, Јарослав Лудва пред неколку дена потпишаа Договор за ремонт на хеликоптери помеѓу владите на двете земји.

Во веста од потпишувањето на договорот, што ја пренесоа голем број на македонски медиуми, нема никаква информација за донирање на хеликоптери или каква било друга воена опрема на Украина.

На објавата на социјалните мрежи, која тврди дека, сепак, ќе има ваква донација, прикачен е притнскрин од вест објавена на веб-портал. Но, ниту во оваа вест, како и во сите други вести објавени за овој настан, не може да се најде потврда дека Македонија навистина, после ремонтот, ќе ги донира хеликоптерите.

Вистиномер праша во Министерството за одбрана дали ова тврдење е точно и за која цел се прави ремонтот на хеликоптерите. Оттаму ни одговорија дека информацијата не е точна.

Нема таква одлука и во овој момент не се размислува за таква донација. Договорот со Чешката Република се однесува на ремонт на хеликоптери исклучиво за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.

Во соопштението од Министерството за одбрана за потпишувањето на договорот со Чешка се вели дека станува збор за ремонт на два хеликоптера и ќе трае 13 месеци.

Договорот кој е по принципот Влада со Влада е во рамки на планот за модернизација и опремување на капацитетите на Армијата, и предвидува ремонт на два хеликоптера Ми – 8МТ во период од 13 месеци.

Поради сите наведени факти, оценуваме дека тврдењето дека Македонија ќе ѝ ги донира хеликоптерите на Украина е невистинито.

Инаку, ова не е првпат да се шпекулира за донациите на С, Македонија за Украина.

Пред неколку месеци беше објавено дека Русија ги соборила авионите кои што ѝ ги донираше С. Македонија на Украина, но за ова немаше никаква официјална потврда. Напротив, украинските власти изјавија дека донацијата од Македонија сè уште не е ставена во употреба и дека за тој процес е потребно да помине подолго време.

Освен авионите, се шпекулираше дека Русија ги уништила и тенковите кои што ѝ беа донирани на Украина, но и за ваквото тврдење немаше никакви докази.

 

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...