fbpx

Не е точно дека може да се направи „регенерација на сите органи“ со микропроцесори од калај

Не е точно дека може да се „направи регенерација на сите органи“ кај човекот, а науката не познава микропроцесори од калај, кои со програмски јазик се обраќаат на клетките, пишува Вистиномер во рецензијата која ја пренесуваме во целост

-

Вистиномер рецензира објави на социјалната мрежа Фејсбук во кои се тврди дека секој орган може да се регенерира без лекови, преку обраќање (комуникација) на клетките со програмски јазик. Ова е дезинформација. Интервјуа со ваква тематика од основачите на ПЗУ за алтернативна и комплементарна медицина, ординација Центар за биоинформатика – Ревит Скопје и со истото или други неточни тврдења се објавувани и споделувани со текот на годините на повеќе портали: овде, овде, овде, овде, овде, овде и овде, Ако се погледнат бројните коментари под овие објави, ќе се забележат дузини предупредувања и аргументи за изнесените неточни информации, а истите такви предупредувања и аргументи ги има и во објави од корисници на социјалните мрежи, од кои некои се експерти или во медицинските или во информатичките науки: овде и овде.

Во најновата објава стои:

Кога стигнале до регенерирање на првиот орган, решиле дека ќе го направат првиот центар каде може да дојде и здрав човек, да направи дијагностика на целото тело и ќе може да направи регенерација на сите органи за да може да живее многу поквалитетно и поубаво.

Тврдењето за „регенерација на сите органи“ е прилично доминантно во интервјуто, при што и насловот гласи: „Секој орган може да се регенерира без лекови, им се обраќаме на клетките со програмски јазик“, а во интервјуто се вели и дека „секој орган, секоја клетка може да се регенерира, може да се врати во нормала, свеста на човекот може да се издигне“.

Во споделеното интервју се наведува и следново:

Микропроцесорите кои ги користиме се од метален микроматеријал (калај), чија структура се запишува со посебен хардвер и софтвер, тоа е информација која има потреба да се пренесе на клетките. Користиме најобична вода, тие мали микропроцесори се ставаат во шишенце со најобична вода, бидејќи водата има специфична улога во функцијата на нашиот организам.

Нема докази дека може да се регенерираат „сите“ органи кај човекот, а науката не познава микропроцесори од калај кои со програмски јазик им се обраќаат на клетките.

Ако на Гугл пребарате „калај“ и „микропроцесори“ (tin microprocessors), Гугл се збунува и ви нуди дури три други опции за пребарување: “ti microprocessors”, мислејќи на микропроцесори од американската компанија Texas Instruments (TI), „top microprocessors“ и „sun microprocessors“, мислејќи на микропроцесори од американската компанија Sun Microsystems. A, во резултатите од пребарувањето нема ништо за поврзаноста на калајот и микропроцесорите. Во еден од резултатите има дури и прашање од социјалната мрежа Quora со следната содржина: „Дали можеби модерните микропроцесори за современиот свет го претставуваат истото она што калајот претставувал во Бронзеното доба?“ Но, не може да се најде ништо што би ги поврзало микропроцесорите и калајот, а не па биоинформатиката. А, овие елементи се централните во системот на лечење на пациентите во оваа Центар за биоинформатика – Ревит Скопје.

Во интервјуто, исто така, се вели и дека „тие мали микропроцесори се ставаат во шишенце од најобична вода.“ И ова тврдење е крајно невообичаено, односно неточно. Каде и да погледнете на Интернет, секаде ќе видите дека електронски/дигитални елементи или уреди како микропроцесори, процесорски плочи или компјутери (без исклучок) не се изложуваат на вода, односно не смеат да дојдат во допир со вода затоа што се расипуваат и заради опасноста од корозија и заради опасноста од краток спој: овде, овде, овде, овде и овде. Никаде не може да се најде постапка на ставање на било какви процесори во вода со цел успешно изведување на било каква операција или функција од нивна страна.

Во интервјуто, еден од основачите вели дека е „самоук информатичар“ и додава:

….случајно наидов на една група од Украина од Киев, да ги наречеме научници, професори, кои се занимаваат со информациска медицина, во којашто е применета биоинформатика. И така се заинтересирав фактички, да проучам што е тоа, буквално од љубопитство. Од тој интерес дојде до ова што денес се вика Центар за биоинформатика.

Ако постои група научници, кои се занимаваат со истата наука, за овие термини едноставно би морало да има траги на Гугл, да има линкови или до нивните ординации, до нивните медицински или научни установи, до нивните научни трудови. итн. Големите светски компании и институти, исто така, би требало да имаат истражувачки материјали за калајот и микропроцесорите и нивната заедничка примена и слично.

Биоинформатиката е наука која може да се користи за да се идентификуваат гените кои се поврзани со одредена болест. Оваа информација потоа може да се користи за развој на нови лекови или терапии кои ги таргетираат тие гени. Друг начин на кој биоинформатиката се користи за борба против болестите е преку помагање во нивното дијагностицирање. Но, до денес не постојат микрочипови кои ги лекуваат сите болести, како што се тврди во објавата.

Вистиномер консултираше повеќе експерти и од областа на медицината и од информатиката.

Ако навистина сакате да знаете што е биоинформатиката, тогаш треба да знаете дека е релативно нова и интердисциплинарна наука којашто се занимава со развивање на нови методи и софтвери за изучување на биолошки податоци (пр. податоци од секвенционирање). Но, биоинформатиката не е „комплементарна алтернативна медицина”, велат експертите кои ги консултираше Вистиномер.

Биоинформатика не е тоа што тие го прават. Биоинформатиката е наука којашто применува компјутерски информатички и статистички методи за проучување и анализирање на биолошки податоци, пример геномика, епигеномика, протеомика, микробиомика и слично. Во никој случај биоинформатиката не се користи за лекување на пациенти, тоа го прави медицината. Ако некој тврди дека биоинформатиката може да се користи за лекување на пациенти или лаже или не знае што е биоинформатика, вели за Вистиномер проф д-р по епигенетика Горан Кунгуловски.

Воедно и информатичарите велат дека микропроцесори обично се изработуваат на силициумска подлога и тоа му е познато на секој кој и малку се разбира од електроника (од таму доаѓа и терминот Силициумска Долина).

Апсолутно. Не постои таков механизам. Ниту пак постои програмски јазик (во смисла на современата информатичка технологија) со кој клетките комуницираат. Тоа нема врска ниту со информатика, ниту со медицина. Истражувањата, пак, во областа на регенерација на органите се базираат на генетиката, вели Љубомир Шоповски електроинженер со големо искуство во работа со микропроцесори.

И лекарите велат дека науката не познава микропроцесори кои ги лекуваат сите болести. Нема тука ниту генијалност, ниту иновативност. Тоа е апсурдно тврдење.

Медицината засега не познава микропроцесори кои ги лекуваат сите неизлечиви болести. Ноторна дезинформација е дека со такви микропроцесори или, пак, капка вода во која е наводно вметната некаква информација, може да лекуваат разни видови на карциноми, алергии, автоимуни болести, итн. Тоа е бесмислица. За жал и кај нас со години следиме злоупотреба на терминот биоинформатика, биофизика и биомедицина. Луѓето кои го промовираат овој метод, на некој начин се занимаваат со псевдонаука, нивните тврдења се целосно некомпатибилни со научните докази. Не постојат релевантни студии кои докажуваат дека лекувањето на тој начин има поволни ефекти врз човекот, дури истото е и потенцијално опасно по пациентот. Треба да бидеме доста внимателни и доволно информирани за одлуките за нашето здравје, односно секогаш да употребуваме технологии и терапии кои се поддржани од медицинската наука, избегнувајќи злоупотреба и манипулација од страна на недоверливи извори и псевдонаука, вели д-р Илчо Ефкоски лекар по трудова медицина.

На факултетот за информатика ФИНКИ во Скопје има посебна насока „Бионформатика“. Во предметот „Алгоритми за биоинформатика“  се изучуваат основите алгоритми и нивните напредни варијации за решавање на различни проблеми. Посебен акцент е ставен на нивната примена во биоинформатичките проблеми. Структурата на предметот опфаќа: алгоритми и нивна комплексност, лакоми алгоритми, динамичко програмирање, раздели и владеј алгоритми, граф алгоритми, комбинаторно препознавање на шаблони, кластерирање и стебла, скриени Маркови модели, веројатносни алгоритми, глобално/локално порамнување на парови секвенци, порамнување на повеќе секвенци, матрици на замена, пребарување на бази на податоци со секвенци, BLAST и негови варијации.

Ниту во учебникот на професорот Сашо Панов „Основи на молекуларната биологија и генетика“ не постојат микрочипови за регенерирање на клетките кај човекот.

Биоинформатиката е примена на алатки за пресметување и анализа за снимање и толкување на биолошки податоци. Биоинформатиката е од суштинско значење за управување со податоците во модерната биологија и медицина.

Стапивме во контакт и со дел од професорите на ФИНКИ, кои велат науката не познава комбинација на микропроцесори и лекување на болести кај луѓето со вода и програмски јазик. Тоа се бесмислици и се косат со постулатите и на биоинформатиката и на медицината. Експертите се децидни, велат до денес не постои програмски јазик кој може да им се обрати на клетките кај човекот. Тоа е измама.

Биоинформатички центри на Запад се насочени кон откривање на нови лекови

Според Националниот центар за Биотехнологија на САД, невидено богатство на биолошки податоци е генерирано од проектот на човечкиот геном и проектите за секвенционирање во други организми. Огромната побарувачка за анализа и интерпретација на овие податоци е управувана од науката за биоинформатиката која се развива. Биоинформатиката е дефинирана како примена на алатки за пресметување и анализа за фаќање и толкување на биолошки податоци.

Тоа е интердисциплинарно поле, кое ги користи компјутерските науки, математиката, физиката и биологијата. Биоинформатиката е од суштинско значење за управување со податоците во модерната биологија и медицина. Од овие податоци може да се дојде до откривање и развој на лекови.

Според науката, со оваа научна дисциплина во иднина може да се откриваат лекови.

Изгледите во областа на биоинформатиката го вклучуваат нејзиниот иден придонес во функционалното разбирање на човечкиот геном, што доведува до засилено откривање на цели на лекови и индивидуализирана терапија, стои на официјалната страница на Националниот центар за Биотехнологија на САД.

Aко во полето за пребарување напишете микропроцесори за регенерирање на клетките кај човекот на официјалната страница на Американскиот центар за биотехнологија нема да се појави ништо, бидејќи такво нешто впрочем и не постои.

И Европа има свој Биоинформатички истражувачки центар. Кога ќе се разгледа нивната официјална страница ќе се види, дека истражувачите, таму создадоа клеточна и молекуларна карта на здравото човечко срце. За да го направат ова, тие анализираа половина милион поединечни клетки користејќи технологија на една клетка, машинско учење и техники за сликање.

Работата, која е дел од иницијативата Human Cell Atlas, ќе овозможи подобро разбирање на срцевите заболувања. Научниците создадоа клеточна и молекуларна мапа на здравото човечко срце, за да разберат како функционира овој витален орган и да фрлат светлина на тоа што не е во ред со кардиоваскуларните болести. Атласот ја покажува огромната разновидност на клетките и ги открива типовите на клетки на срцевиот мускул, срцевите заштитни имунолошки клетки и сложената мрежа на крвни садови.

Новото молекуларно и клеточно знаење за срцето ќе овозможи подобро разбирање на срцевите заболувања и ќе ја води поперсонализираната медицина. Исто така, потенцијално може да доведе до регенеративна медицина, но во иднина, велат истражувачите.

Прабарувајќи и на нивната страница никаде не постојат микропроцесори кои може да се користат за регенерирање и лекување на болести.

За науката се уште е предизвик ограничената база на податоци.

Главниот проблем што го кочи развојот на алгоритамски, сеопфатни модели на регенерација е количината на необработени функционални и молекуларни податоци во литературата, кои станаа нерешливи за еден човек. Додека поголемата база на податоци треба да овозможи попрецизна слика на системот, недостатокот на стандардизација во голема мера ја попречува способноста да се соберат сеопфатни сознанија за обликот и врската помеѓу поединечните патишта за регулација на клетките и својствата од големи размери, како што се анатомскиот поларитет и контролата на големината. Децениската работа во регенерацијата произвела многу малку конструктивистички модели, а рапидно растечкиот број на функционални наоди го влошува проблемот – за научниците е уште потешко да дојдат до модели кои ја објаснуваат сè поограничувачката база на податоци, стои на официјалната страница на Американскиот центар за Биоинформатика.

Науката, преку анализи на податоци се уште прави експерименти. Биоинформатиката може да послужи за развој на лекови, а не да лекува.

Клетката, ракот, еволуциската, синтетичката и развојната биологија се трансформирани со биоинформатиката: пристапноста на сите генетски секвенци на едно место и во заеднички формат во голема мера ја зголеми способноста на научниците да ги анализираат податоците и да планираат нови експерименти. Многу од најважните достигнувања во биоинженерството и медицинската технологија би биле невозможни без алатки како што се оние достапни на NCBI (Националниот центар за Биоинформатика на САД) и многу други портали. Сепак, ова е само првиот чекор, бидејќи овие алатки во голема мера се однесуваат на секвенца/структура и мрежи за транскрипција, стои на страницата на Националниот институт за Биоинформатика на САД.

Според Национален институт за истражување на човечкиот геном, истражувањата и развојот на биоинформатиката ќе придонесат за нови откритија за човековото здравје. Како ДНК го обликува здравјето и болеста. И таму научниците не познаваат микропроцесори за лекување.

Улогата на биоинформатиката во биолошкото истражување може да се спореди со улогата на анализата на податоците во ерата на информациите и интернетот. Во претходните денови, примарен предизвик беше да се дојде до информации. Напредокот во читањето на ДНК секвенците значително ја намали таа бариера. Во иднина, предизвикот е како да се разберат и интерпретираат информациите што се собрани. Бидејќи збирките на податоци се големи, без разлика дали зборувате за информации за посети на веб-страници или за човечкиот геном, методите базирани на компјутер се стандардниот пристап. На крајот, биоинформатичката работа со човечките геноми се обидува да открие практични сознанија за човековото здравје и биологија со сета нејзина сложеност, стои во објаснувањето на Националниот институт за истражување на човечкиот геном (NHGRI)

Како што може да се забележи од сето ова, биоинформатиката никаде не значи директно лечење на пациенти, туку исклучиво анализа на генетски и други биолошки податоци со цел подобро да се планираат експерименти и да се развиваат нови лекови. И тоа е сè.

Центарот работи легално

Се обративме и до министерството за здравство за да прашаме каква дозвола за работа има Центарот.

Согласно Законот за комплементарна и алтернативна медицина, во 2017 година од Министерство за здравство е издадено решение за издавање дозвола за работа на ПЗУ за алтернативна и комплементарна медицина, ординација Центар за биоинформатика. Во 2022 година е направена промена на називот, односно беше доставено барање за дополна на назив – Центар за биоинформатика – Ревит Скопје, стои во одговорот на Министертсво за здравство.

Поради горенаведените факти, изнесените тврдења во објавата и во интервјуто, кои се предмет на оваа рецензија ги оценуваме како дезинформации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...