fbpx

Пратките доцнат, директорите „спијат“: Поштата на Северна Македонија со години работи со загуба

Директорите молчат и не даваат објаснувања за институцијата која стана „товар“ за државата и проблем за граѓаните, пишува Порталб

-

Граѓаните веќе со години се жалат за нефункционирањето на Поштата на Северна Македонија, како и за проблемите со доцнењето на писмата со месеци, за недостатокот на поштари, за финансиските загуби и за доцнењето во исплатата на платите на вработените, пишува Порталб. Во меѓувреме, иако Владата направи физибилити студија и расправаше за приватизацијата на Македонски пошти, властите немаат конкретно решение. Директорите молчат и не даваат објаснувања за институцијата која стана „товар“ за државата и проблем за граѓаните.

Поштата на Северна Македонија, која е во државна сопственост, со години работи со загуба. Поради проблемите на Поштата, во 2020 година Владата отвори расправа за нејзина приватизација и ангажираше и една компанија за спроведување на физибилити студија.

Но, оваа студија отвори и други проблеми бидејќи поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, беше обвинет и осуден на две години и шест месеци затвор поради злоупотреба на службената положба и овластување, поради тоа што склучил договор за анализа на состојбата на поштата без да ја испочитува постапка за јавни набавки.

За да ја анализира физибилити студијата за Поштата, Порталб.мк  врз основа на Законот за пристап до информации од јавен карактер испрати барање за пристап до студијата до Владата на Северна Македонија и до Поштата на Северна Македонија.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, при неговото сведочење во судскиот процес потврди дека Поштата на Северна Македонија е преоптоварена со над 250 непотребни вработени. Според изјавата на Битиќи, студијата се користи, но прашањето останало нерешено поради смената на директорот на поштата, кој во тоа време беше Јани Макрадули, а потоа на негово место дојде Васко Стефанов, а по неговото разрешување на функцијата дојде и актуелната директорка на поштата, Бујаре Абази.

На веб-страната на Поштата има и табела на структурата на поштата, каде што пишува дека поштата има позиции за сè, вклучително и за директор за информатичка технологија и директор за маркетинг. Сепак, таа функционира со недигитализиран систем, а за маркетингот говорат поплаките на граѓаните.

Проблемите на Поштата, поточно финансиските предизвици на Поштата на Северна Македонија ги посочува и анализата на Институтот за демократија и економски анализи – ИДЕА со наслов „Пошта на Северна Македонија: товар или државно богатство“, спроведена во октомври 2023 година, која ги анализирала приходите и расходите на Поштата за периодот од 2015 до 2022 година.

„Од една страна, високите и зголемени трошоци, кои главно доаѓаат од големата работна сила ангажирана во Поштата, додека од друга страна, постојано намалените приходи како резултат на промените во формата на комуникација и трансферот на „писма“, како и неможноста на Поштата да конкурира на растечкиот слободен пазар, Поштата на Северна Македонија во последните години бележи рекордни загуби и долгови кои изнесуваат над 2,5 милиони евра“, се вели во анализата на ИДЕА.

И покрај тоа што во Поштата се вработени повеќе луѓе отколку што е потребно и постојано работи со загуба, сепак Поштата не функционира како што треба и граѓаните не се опслужени.

Во меѓувреме, Универзалниот поштенски сојуз, специјализирана агенција одговорна за поштенскиот сектор на Обединетите нации (ОН), во декември 2023 година на социјалните мрежи објави дека ќе спроведе нова физибилити студија за предизвиците на Поштата на Северна Македонија како дел од нивната програма за анализа на квалитетот на управувањето со поштенските услуги.

„Експертите на УСП ќе извршат сеопфатна евалуација на Поштата на Северна Македонија, ќе ги оценат тековните предизвици на квалитетот на услугата во земјата, како дел од програмата на УСП. Евалуацијата ќе помогне да се идентификуваат оперативните подобрувања кои ќе го зголемат квалитетот и перформансите на поштенските услуги, како и трансфер на знаењета за спроведување на подобрувањата“, се вели во соопштението на агенцијата на ОН, УПС.

Раководителот на поштата, во случајов генералниот директор и Агенцијата за пошти, се одговорни за работењето на Поштата на Северна Македонија. Од своето основање, на чело на Поштата на Северна Македонија имало 13 генерални директори, а последна е Бујаре Абази.

Од друга страна со Агенцијата за пошти, кое е тело формирано од Собранието на Северна Македонија, и кое има задача да обезбеди континуиран и редовен развој на поштата, во моментов раководи Сретен Миладиновски.

Порталб.мк ги контактираше Абази и Миладиновски, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

И додека властите вршат анализи за функционирањето на поштата, граѓаните се жалат дека освен што своите пратки ги чекаат со месеци, доцнат и официјалните писма како што се судските покани, а граѓаните се казнуваат за неспроведување навреме на истите бидејќи не биле навреме информирани или не биле воопшто информирани за судското рочиште.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...