fbpx

НБРМ: Зголемување на нефункционалните кредити на домаќинствата

-

Советот на Народната банка денеска ја одржа својата десетта седница, на која го разгледа и го усвои извештајот за финансиската стабилност во Македонија за 2014 година, при што беше констатирано задржување на финансиската стабилност и во 2014 година.

– Активата на банкарскиот систем достигна 76,1 отсто од БДП и зафаќа 86,8 проценти од вкупните средства на финансискиот систем. Кредитите на банките за нефинансиските субјекти изнесуваат 48,1 отсто од БДП, а депозитите на банките за нефинансиските субјекти 54,6 проценти од БДП, што оди во прилог на констатацијата за умерена финансиска интермедијација – пишува во извештајот на банката.

Понатаму во извештајот се вели дека карактеристично за 2015 година е што капитално финансираното пензиско осигурување оствари значително побрз пораст во однос на банкарскиот систем и на осигурителниот сектор и неговото учество во активата на финансискиот систем изнесува 7,3 проценти, а во БДП 6,4 проценти.

Осигурителниот сектор е третиот најголем сегмент на финансискиот систем, со учество од 3,6 проценти во вкупните средства на финансискиот систем и 3,1 отсто во БДП.

Вкупната задолженост на корпоративниот сектор, како кон банкарскиот сектор, така и кон странските доверители, продолжи да се зголемува и достигна ниво од околу 64 проценти од БДП. Останува позитивната оценка за солвентноста на корпоративниот сектор, со оглед на тоа што во 2014 година повеќето показатели за задолженоста на претпријатијата останаа на релативно стабилно ниво.

Поволните поместувања на пазарот на трудот, проследени со подобрување на продуктивноста на трудот, придонесоа за забрзување на порастот на финансиската актива и на расположливиот доход на домаќинствата, како и на стапката на штедење.

Вкупната задолженост на населението продолжи да се зголемува, задржувајќи се на умереното ниво од 21 процент од БДП, а банкарскиот сектор е главен доверител на домаќинствата.

Показателите за солвентноста и за ликвидноста се задоволителни. Сепак, порастот на нефункционалните кредити на домаќинствата, кој се забележува првпат по подолг период, при забрзан пораст на кредитирањето, сигнализира можен пораст на кредитниот ризик за банкарскиот сектор во наредниот период.

Општа е констатацијата дека финансиската стабилност продолжува и во наредниот период, показателите за солвентност и за ликвидност се очекува да се задржат на високо ниво, а ќе се задржи и подобрената профитабилност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...