Научниците идентификуваа нов вид був, предлагаат да се класифицира како критично загрозен

A – Hugo Pereira B, D, F – Martim Melo and Bárbara Freitas C – Philippe Verbelen E – Paul van Giersbergen, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Нов вид був, којшто се огласува со невообичаени звуци, нешто налик на „стрижењето“ на штурците, е идентификуван на Принсипе, мал остров во Атлантскиот Океан во близина на Западна Африка. Принсипе, инаку, се смета за дом на повеќе видови птици што ги нема на друго место, известува „Вашингтон Пост“.

Научниците новооткриениот був го опишаа во списанието „ZooKeys“ и го нарекоа „Otus bikegila“, според Сесилијано „Бикегила“ до Бом Хесус, локален конзерватор и водич низ дивината. Токму тој ги предупредил истражувачите за постоењето на овој вид був.

Научниците појаснуваат дека без експертизата на локалното население, бувот никогаш немало да биде откриен. Иако жителите на островот пријавиле дека ја сретнувале птицата од 1920-тите години, истражувачите нејзиното постоење го потврдиле дури во 2016 година.

Како дел од поголемата фамилија на бувови, „Otus bikegila“ испушта брз краток звук што по малку наликува на звукот што го создаваат штурците. Птицата живее на пониска надморска височина, во стари шуми во ненаселениот, заштитен, јужен дел на островот Принсипе.

„Во оваа мала област, со површина од околу 1.400 хектари, се проценува дека живеат 1.000 – 1.500 единки“, велат истражувачите во соопштението до медиумите.

Тие додаваат дека овој був треба да се класифицира како критично загрозен вид и покрај „густината на населување“, бидејќи живее само во мала област.