fbpx

НАТО се мобилизира против Ковид-19 на првиот состанок со Македонија како сојузник и прва видеоконференција во историјата

-

Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО добил задача да ја координира воената поддршка во борбата против пандемијата на Ковид-19 и да почне да ги употребува „брзите линии“, специјални процедури низ европскиот воздушен простор за воени летови на НАТО со медицинска опрема, рече генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг по состанокот на сојузничките министри за надворешни работи вчера вечер. Состанокот, свикан за справување со пандемијата, беше прв состанок преку безбедна видеоконференциска врска во историјата на Алијансата и прв состанок на кој Македонија учествуваше како полноправна членка, еден од 30-те сојузници.

– Го мобилизираме НАТО во поддршка на напорите на цивилните власти во борбата со корона вирусот. НАТО беше создаден за да се справува со кризи. Ние можеме да помогнеме и Алијансата ја игра својата улога – нагласи Столтенберг по состанокот.

Напорите на Алијансата ќе ги координира Врховниот командант на сојузничките сили-Европа генерал Тод Волтерс (Supreme Allied Commander Europe – SACEUR), највисокиот воен претставник на НАТО.

– Сите сојузници се засегнати со оваа криза и на сите сојузници им требаат капацитетите и опремата за да се справат со кризата, но во исто време, знаеме дека некои сојузници имаат поголеми капацитети од другите, и знаеме дека ефектот на кризата нема да биде стабилен и ист за сите сојузници во исто време. Нема сите сојузници да го доживеат врвот на пандемијата во исто време и ова овозможува да се прераспоредат некои ресурси, како што гледаме, кон оние сојузници кои имаат поголеми потреби и кои се поблиску кон врвот (пикот) на кризата. Во ова е целата идеа зошто му дадовме задача на САКЕУР да ги координира, да ги идентификува вишокот капацитети, и да го усогласи тој вишок на капацитети со потребите во различни земји – рече Столтенберг на прес-конференцијата по состанокот.

Во борбата со пандемијата, како што нагласи генералниот секретар, НАТО пренесува медицинска опрема од еден на друг крај на земјината топка, обезбедува неопходни материјали и витална опрема од воени и цивилни извори и придонесува со своето медицинско, научно и технолошко знаење за да помогне во наоѓање иновативни одговори на кризата.

Црногорскиот новинар Иван Јановиќ го праша Столтенберг дали Црна Гора и другите НАТО сојузници од Балканот можат да сметаат на Алијансата за транспорт на пациенти во болници во други земји-сојузнички, кои имаат капацитети да ги згрижат во случај на потреба.

– Токму ова беше едно од прашањата кои ги отворивме во текот на состанокот. Видовме дека сојузниците, воениот персонал од различни земји, им помагаше на сојузниците со медицински транспорт, медицинска евакуација, транспорт на пациенти. На состанокот беше истакнато дека воени авиони беа користени за транспорт на пациенти од Италија во Германија, но има повеќе примери како воените авиони деновиве беа употребувани за транспорт на пациенти, затоа што имаме способности, војската ги тестирала, увежбувала, тоа е нешто што го имаат интегрирано како воени организации. Сега, низ НАТО координативниот центар, мобилизираме поголема поддршка, му дадовме задача на САКЕУР, нашиот врховен командант, да утврди каде има вишок капацитети, расположива опрема, кои можат да се употребат како поддршка за други сојузници – рече Столтенберг.

НАТО го работи својот дел, истакна генералниот секретар.

„Сојузниците меѓусебно се поддржуваат, и со медицински персонал, болнички кревети, витална медицинска опрема и со најдобри практики и идеи како да се бориме со оваа смртоносна болест“.

Дел од борбата, според Столтенберг, е и навременото и точно информирање:

– Сојузниците работат заедно за да обезбедат јавен пристап до транспарентни, навремени и точни информации, кои се критични за да се надмине оваа пандемија и да се сузбијат дезинформациите. Поради потребата од координиран и целосен пристап, НАТО има блиска соработка со други меѓународни организации, вклучувајќи ги Обединетите нации, Светската здравствена организација и Европската унија.

Во заедничката декларација, посветена главно на борбата со пандемијата, НАТО го одбележи и приемот на својата најнова членка.

„И посакуваме добродојде на Северна Македонија како 30-ти НАТО сојузник. Додека се соочуваме со овој предизвик без преседан, нашите 30 нации стојат заедно во солидарно трансатлантско единство“, стои во заедничката декларација на министрите за надворешни работи на Алијансата.

Министрите се договориле да одржат вонреден состанок во април, за да ја разгледаат поддршката од сојузниците и да одлучат за следните чекори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Наплата на даноци и трошоци за плати и комуналии во 2023: Струга, Тетово, Чаир и Скопје

„Договорни услуги“ во износ од стотици илјади евра, платите и придонесите доминантна трошковна ставка во буџетите на локалните власти. Во второто продолжение на „Анализа“ се претставуваат податоци за приходите...