fbpx

НАТО кон руските граници – спринт со пречки

Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО истовремено - во мај минатата година. Тоа секако беше последица на новата гео-политичка ситуација, настаната со агресијата на Русија врз Украина. И двете држави претходно имаа привилегирани односи со НАТО како членки на „Партнерството за мир“, но и нашироко и долго водени дебати околу членството

-

Три години по долгоочекуваното пристапување на Македонија во НАТО, се планира ново проширување на трансатлантската одбранбена организација. Ова проширување не беше очекувано. Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО истовремено – во мај минатата година. Тоа секако беше последица на новата гео-политичка ситуација, настаната со агресијата на Русија врз Украина. И двете држави претходно имаа привилегирани односи со НАТО како членки на „Партнерството за мир“, но и нашироко и долго водени дебати околу членството во северноатлантската организација.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

И Шведска и Финска беа посебно внимателни во односите со Русија, поради минатиот историјат на војни. Шведска како неутрална држава уште од 1809 година, настојуваше да ја одржи ваквата своја позиција. Граѓаните беа против влезот во НАТО, дури и по руската анексија на Крим во 2014 година, кога поддршката изнесуваше околу 30 отсто, за на крајот на 2022 година, по руската агресија на Украина, да се искачи до над 60 отсто.

Финска, пак, како непосреден сосед на Русија и претходна територија и во рамките на Шведска и во рамките на Русија, има специфична позиција. И покрај различните системи, таа настојувала да одржи односи со Русија, видливо и од Договорот за пријателство, соработка и меѓусебна помош од 1948 година. И кај Финска клучниот момент на „прекршување“ беше руската агресија на Украина. Дотогаш поддршката за членство во НАТО се движела меѓу 20 – 30 отсто, за од 2022 година досега да се искачи од 60 до 80 отсто.

Откако тие се преломија и поднесоа барање за членство, процесот на ратификација не оди лесно. Дваесет и осум од триесетте членки го одобрија протоколот до средината на октомври 2022 година. Две држави се најдоа на патот на ратификацијата. Унгарскиот парламент пред неколку дена го ратификуваше пристапувањето на Финска, но не и на Шведска. Турција даде одобрение за Финска – протоколот поминал на Комисијата за надворешни работи и неговата конечна ратификација на пленарна седница е завршена.

Меѓутоа, двете држави ја задржуваат ратификацијата на протоколот со Шведска, обидувајќи се да обезбедат за себе подобра позиција за други прашања и – секако, наведувајќи различни причини. Прво, орбановата влада едноставно се извлекуваше со оправдувањето дека парламентот бил презафатен, за пред околу еден месец да укаже на „непринципиелните“, остри критики од кандидатите за НАТО за владеењето на правото во Унгарија. Едноставно, го користи гласот за членство во НАТО за во ЕУ да го олабави притисокот за владеењето на правото и полесно да ги ослободи фондовите. Според ердогановата влада, пак, Шведска станала „скривалиште за курдските сепаратисти и терористи“ и бара од неа нови антитерористички политики“, како и екстрадиција на 130 лица. Очигледно е дека постоело усогласување на ставовите меѓу Турција и Унгарија за членството на Финска и Шведска, особено по истовременото ослободување на блокадата за Финска.

На почетокот на патот, постоеше разбирање дека двете земји заедно ќе ѝ пристапат на Алијансата. Меѓутоа, во моментот тој пат се раздвојува, иако двете земји ги завршија внатрешните процедури – ратификација и донесување на потребното законодавство во текот на март. Финска веќе ја образложи одлуката да оди понатаму сама по патот, во пресрет на парламентарните избори што се одржаа во неделата. Тежината на истовременото пристапување секако ќе беше поголема од политички аспект, демонстрирајќи единство на западните сојузници. Од тоа сценарио НАТО сѐ уште не се откажува, користејќи постојан дипломатски притисок.

Досегашната граница на НАТО со Русија беше 1.213 км – со Норвешка, Естонија, Литванија, Летонија и Полска. Со пристапувањето на Финска таа двојно ќе се зголеми, за 1.339 км и ќе изнесува 2.552 км. Во НАТО, плановите веќе се менуваат, зашто треба да се предвидат многу повеќе ресурси за источната граница на Алијансата – и човечки и материјални (оружје и муниција), а вториве се веќе под притисок заради војувањето во Украина. Сојузниците ќе треба да се договорат како ќе ги поднесат дополнителните трошоци – веројатно веќе до следниот самит кој треба да се одржи во јули во Литванија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...