fbpx

Три години затвор за сопственикот на „Доказ“ и 10 години забрана да отвора портал во земјава

Во случајот имаше шестмина оштетени – две новинарки од „Фокус“, двајца свештеници од МПЦ, една телевизија и лице кое пријавило дека Стаменковски го уценувал дека ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му даде пари

-

На Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ“, Основниот Кривичен суд во Скопје му изрече казна затвор од 3 години и 1 месец, а тој доби забрана од 10 години да регистрира веб-портал во земјава. Со првостепената пресуда, престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени на негово име.

Пресудата е неправосилна и тој има право на жалба до Апелацискиот суд.

Стаменковски е осуден за две кривични дела ширење расистички и ксенофобичен материјал и по едно дело: уцена, пиратерија на аудивизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

За кривичното дело злоупотреба на лични податоци, Стаменковски доби казна од 5.000 евра, односно 250 дневни глоби.

Пресудата ја изрече судијката Марија Клетничка-Марковска од Основниот кривичен суд Скопје.

По барање на обвинителството, а со одлука на судот, судскиот процес се одвиваше зад затворени врати поради заштита на приватноста на жртвите или како што рече обвинителката Зорица Павловиќ од причина што се работи за кривични дела против моралот и со цел да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.

Од истите причини не е дозволено и објавување на одредени делови од пресудата.

За што му се судеше на Марјан Стаменковски?

По наредба на ОЈО Скопје, на 9 февруари годинава полициски службеници извршија претрес во домот на Стаменковски во скопската населба Влае. Беа одземени документи, мобилни телефони и други електронски уреди, а беа најдени и пари во кеш од 90.000 евра.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал.

Во случајот имаше шестмина оштетени – две новинарки од „Фокус“, двајца свештеници од МПЦ, една телевизија и лице кое пријавило дека Стаменковски го уценувал дека ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му даде пари.

Двете дела ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, според Обвинителството, тој ги сторил со објавување текстови за двајца свештеници во Македонската православна црква-Охридска aрхиепископија и за две новинарки од „Фокус“, Ирена Мулачка и Валентина Вурмо. Според ОЈО Скопје, обвинетиот промовирал омраза и се обидел да ги заплаши двете новинарки да не објавуваат текстови во медиумот каде што работат.

Свештениците го пријавиле бидејќи преку текстови ширел омраза и нетрпеливост кон нив. Стаменковски, според обвинителниот акт, објавувал дека свештениците биле поврзани со домашни и странски тајни служби, а се упатувале и заканувачки зборови со кои се поттикнува народ да дојде и да ги избрка од манастирот во кој тие служеле.

За кривичното дело уцена, пак, според тврдењата на ОЈО Скопје, Стаменковски на почетокот на годинава со намера да прибави имотна корист му се заканувал на еден оштетен дека ќе му наштети на неговиот углед и чест. Го контактирал преку социјалните мрежи и го повикал на средба за да го уценува дека ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му даде пари. Откако оштетениот одбил да се сретне, како што наведе Обвинителството, на порталот „Доказ“ биле објавени повеќе текстови за него.

За пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба, обвинителството го гони Стаменковски врз основа на пријава од една телевизија која имала ексклузивни авторски права да емитува одредена содржина, но Стаменковски ги објавувал видеоматеријалите на порталот и овозможил неограничено јавно прикажување.

Коста Најков, адвокат на Стаменковски по неодамнешното рочиште изјави дека неговиот клиент не признал вина пред судот, сметал дека не е виновен и дека во случајов станувало збор за вербален деликт, а не и за кривична одговорност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...