fbpx

НАТО директно не испраќа оружје во Украина, а во Словенија веќе испрати помош поради поплавите

Столтенберг по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО заедно со шефот на украинската дипломатија (лани во април), нагласи дека НАТО не испраќа оружје директно и не планира да се инволвира во војната

-

Наспроти тврдењето во објавата, НАТО директно не испраќа оружје во Украина. Оружје и помош праќаат земјите-членки индивидуално, како и други земји кои не се членки на НАТО и тоа е јасно нагласено на веб-страницата на НАТО, а го има посочено и генералниот секретар Столтенберг. Не е вистина ниту тврдењето дека НАТО не испратил помош во Словенија која беше погодена од поплавите. Како што е објавено на веб-страницата на НАТО, помош испратиле неколку држави од Европа, како и САД. Исто така, помош во Словенија испрати и Северна Македонија, како членка на НАТО, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Објава на Фејсбук изнесува невистини за активностите на НАТО, правејќи паралела со војната во Украина и поплавите кои ја погодија Словенија.

НАТО ДА ИСПРАЌАШЕ ЕКПРЕСНА ПОМОШ ВО ПОГОДЕНИТЕ ЗЕМЈИ ОД “ПРИРОДНИ” КАТАСТРОФИ, КАКО ШТО ПРАЌААТ МАСОВНО ОРУЖЈЕ…, стои во објавата што ја анализираме.

Прво, не е НАТО тој што испраќа директно оружје во Украина, туку тоа го прават земјите-членки индивидуално и тоа е наведено на официјалната веб-страница на Алијансата, а го има истакнато и генералниот секретар, Јенс Столтенберг.

Поединечни земји-членки на НАТО испраќаат оружје, муниција и многу видови лесна и тешка воена опрема, вклучително и противтенковски и воздушни одбранбени системи, хаубици, беспилотни летала и тенкови. До денес, сојузниците на НАТО ѝ обезбедија на Украина воена опрема во вредност од милијарди евра. Сојузничките сили ги обучуваат и украинските војници да ја користат оваа опрема. Сето ова прави разлика на бојното поле секој ден, помагајќи ѝ на Украина да го одржи правото на самоодбрана, кое е вградено во Повелбата на Обединетите нации, се наведува на веб страницата на НАТО во делот каде е објаснето што прават НАТО и сојузниците за да и помогнат на Украина.

Столтенберг по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО заедно со шефот на украинската дипломатија (лани во април), нагласи дека НАТО не испраќа оружје директно и не планира да се инволвира во војната.

Задача ни е да спречиме ескалација, НАТО нема директно да биде инволвиран, не испраќа директно капацитети, туку испорачува поддршка на други начини, рече тогаш шефот на Алијансата.

Оружјето, пак, го праќаат земјите членки и, според Столтенберг, тоа не може да се нарече офанзивно, бидејќи се користи за дефанзивни цели со тоа што Украина е нападнатата страна, а нејзиното право на самоодбрана е запишано во Повелбата на Обединетите Нации.

Што се однесува до испраќањето помош во Словенија која беше погодена од големи поплави, не е точно дека НАТО не испратил помош.

Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи (ЕADRCC) е главниот механизам на НАТО за одговор на цивилни итни случаи во евроатлантската област. Активен е во текот на целата година, оперативен 24/7 и ги вклучува сите НАТО сојузници и земји партнери. Центарот функционира како систем за координирање на барањата и понудите за помош главно во случај на природни и вештачки катастрофи.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, на 7 август телефонски разговараше со премиерот Роберт Голоб, изразувајќи го своето сочувство и силната солидарност на НАТО со Словенија.

По барањето на Словенија за помош, координативниот центар на НАТО за одговор при катастрофи веднаш ги извести сите 31 сојузник и 35 партнери за вашите потреби. Го поздравувам тоа што сојузниците на НАТО се засилија со непосредни понуди за поддршка, вклучувајќи хеликоптери, модуларни мостови, багери и инженерска експертиза. Ова е НАТО солидарност на дело. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со вас во деновите и неделите што следат. Зголемената фреквенција на екстремни временски услови го нагласува длабокото влијание на климатските промени. НАТО е посветен на справување со климатските промени и нивното влијание врз нашата безбедност, рекол Столтенберг.

По барањето на Словенија за помош преку Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи на НАТО (EADRCC), како што е објавено на веб-страницата на НАТО, Шпанија понуди еден голем хеликоптер CH-47 којшто може да пренесе до 25 лица, вклучувајќи екипаж и помошен персонал. Бугарија, Хрватска, Германија и Франција понудија поддршка, вклучувајќи хеликоптери, багери, монтажни мостови и инженерски тимови. Соединетите Американски Држави, исто така, распоредија персонал во Љубљана за да ја проценат ситуацијата и да ги утврдат итните хуманитарни потреби.

И С. Македонија, како членка на НАТО, испрати помош во Словенија.

Владата на 8 август донесе одлука во хуманитарна операција во Словенија да испрати 100 припадници на АРМ, кои ќе помогнат во областите погодени од катастрофалните поплави. Војниците кои сe испраќаат за период од 30 дена, подготвени се да заминат веднаш и да бидат на располагање на словенечка држава во санирање на последиците од поплавите, информираа од Владата.

Од сето ова можеме да заклучиме дека не е точно оти НАТО праќа оружје во Украина, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Оружје и помош праќаат земјите-членки индивидуално, и тоа јасно е нагласено на веб-страницата на НАТО, а го има посочено и генералниот секретар Столтенберг. Што се однесува до помошта во Словенија, која беше погодена од поплавите, не е вистина дека НАТО не испратил помош. По барањето на Словенија за помош преку Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи на НАТО (EADRCC), како што е објавено на веб-страницата на НАТО, помош испратиле неколку држави од Европа, како и САД. И С. Македонија, како членка на НАТО, испрати помош во Словенија.

Според сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По одлуката за повисоки плати на УКИМ и професорите на останатите јавни универзитети бараат повисоки плати

Вработените во Универзитетот во Тетово денеска излегоа на протест поради непотпишувањето на Колективниот договор од страна на Собранието за зголемување на платите како на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“....