Наставници од „Макаренко“ ќе им предаваат на малолетниците во казнено-поправните домови

За да се реализираат законските измени, првично ќе биде потребно да се вработат до најмногу 6 наставници, кои ќе одат во казнено-поправните домови и ќе им предаваат на учениците

Фото: Ivan Aleksic on Unsplash

Малолетниците од казнено-поправните домови ќе се образоваат по наставни планови и програми како учениците во редовните училишта, а не по експериментални програми како досега, информираат во Министерството за образование и наука (МОН). За ова, Владата усвоила измени на Законот за основното образование, со кои се решава долгогодишен проблем поврзан со обезбедување на редовен образовен процес за малолетниците во воспитно–поправните и казнено-поправните установи.

„Образовниот процес ќе се спроведува по наставен план и наставни програми за
основно образование на возрасни. Учениците по формализацијата на образовниот процес ќе добиваат свидетелства за завршено образование, како и учениците во редовните основни училишта. За нивно вклучување во настава, доколку се под 16 годишна возраст, претходно се врши проверка на знаењето заради распределба во соодветно одделение на основното образование“, наведено е во соопштението на МОН.

Наставата ќе ја реализира основното општинско училиште за возрасни „Антон Семјонович Макаренко”. За да се реализираат законските измени, првично ќе биде потребно да се вработат до најмногу 6 наставници, кои ќе одат во казнено-поправните домови и ќе им предаваат на учениците.

„Бројот на наставници што ќе треба да се ангажираат во иднина ќе зависи од бројот на штитениците во воспитно – поправните и казнено – поправните установи и групите, односно паралелки кои би се формирале“ се наведува во соопштението.

Законските измени кои ќе бидат проследени до Собранието, всушност овозможуваат
системско решавање на предизвикот со образованието на малолетниците во воспитно–поправните и казнено-поправните установи. Со ова се реализираат и дел од препораките во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата во делот на
човекови права.