НАСА објави нови аудио снимки од Марс

Марс Истрајност
Отпечатоци од тркалата на роверот „Истрајност“ снимени со една од прикачените камери | фото: NASA/JPL-Caltech

Националната аеронаутичка и вселенска управа на САД објави нови аудио снимки од површината на Марс.

На првата снимка може да се слушне тивок ветар. Звукот бил снимен од инструмент прикачен на роверот „Истрајност“, кој минатиот месец слета на црвената планета. Снимката е направена на 19 февруари, осумнаесет часа од слетувањето на роверот. НАСА звукот го спореди со “слушање на морска школка или со покривање на увото со раката“.

„Работите звучат навистина добро овде. Слушнете ги првите звуци на ветрот снимени од мојот SuperCam микрофон. Микрофонот се наоѓа на врвот на јарболот. За снимката, јарболот беше спуштен, па звукот е малку пригушен“, пишува на официјалниот Твитер профил наменет за мисијата на роверот.

Тивкиот и пригушен звук е поради тоа што атмосферскиот притисок на површината на Марс е за околу 150 пати понизок од оној на Земјата, додека тамошната атмосфера е составена од јаглерод диоксид. Поради овие два фактора звукот таму не се шири на ист начин како овдешниот.

„Поради тоа, микрофонот SuperCam е особено чувствителен и ни овозможува да снимаме звуци и покрај слабата атмосфера на Марс“, изјавија од НАСА на конференција одржана во средата.

НАСА исто така ја објави  и првата акустична снимка од ласерски удари врз камењата на Марс. На неа можат да се слушнат звуци од триесетина удари, некои од нив малку погласни од останатите. Варијациите во интензитетот на звуците треба да обезбедат информации за физичката структура на камењата, како што се нивната релативна цврстина или присуството на т.н атмосферски слоеви, соопштија од НАСА.

Роверот досега сними и неколку фотографии од неговиот нов дом на Марс, кратерот Језеро, кои ја прикажуваат црвената планета како никогаш порано.

„Истрајност“ е најсофистицираниот ровер кој досега бил испратен на Марс, а негова задача е да бара знаци за антички живот на оваа планета.