Најважните прашања за најамбициозната мисија на Марс досега

Марс
Симулација на слетувањето на роверот „Истрајност“ на Марс / фото: НАСА

После седум-месечно патување од Земјата и изминати 470 милиони километри, роверот „Истрајност“ на НАСА успешно слета на Марс и во наредните неколку години треба да истражува знаци на микробилошки живот, ако воопшто и некогаш постоел на таа планета, пишува Би-би-си.

Роверот ќе собира примероци од карпи и почва, кои потоа ќе ги зачувува во епрувети и ќе ги остави на површината на Црвената планета за да во иднина истите бидат донесени на Земјата за дополнителни истражувања. „Истрајност“ ќе ја проучува и геологијата на Марс и тоа како астронаутите во идните мисии на оваа планета би можеле да поизведуваат кислород од CO2 во атмосферата.

Мисијата речиси две години ќе го истражува кратерот Језеро кој се наоѓа во близина на екваторот на Марс.

Патот на роверот „Истрајност“

„Истрајност“ беше лансиран на 30 јули минатата година од Флорида. Роверот е со големина на автомобил и тежи еден тон, а низ вселената патувал затворен во заштитна школка составена од два дела: конусен заден дел и топлинска заштита.

Ровер Марс
Роверот бил затворен во аеро-школка составена од два дела / фото: К.Мангано, НАСА

Енергијата на која работи, роверот ја влече од радиоизотопски термоелектричен генератор кој топлината од радиоактивното распаѓање на плутониумот ја претвора во електрична енергија.

По изминати стотици милиони километри од Земјата, „Истрајност“ влегол во атмосферата на Марс, а во текот на оваа фаза, неговиот топлински штит морал да издржи температури високи и до 2.100 степени целзиусови.

Кога се наоѓало на растојание од 11 километри над планетата, леталото испуштило падобран, кој ја забавил неговата брзина од 2.100 километри на час на околу 320 километри на час.

Роверот бил спуштен на почвата на Марс со помош на јажиња, кои биле пресечени во моментот кога неговите тркала ја допреле површината.

Што ќе се истражува на кратерот Језеро?

Кратерот Језеро, каде што слетал роверот, кој инаку името го добил по истоимениот босански град, претставува депресија или потонато земјиште со широчина од 49 километри. Научниците претпоставуваат дека пред повеќе од 3,5 милијарди години, речните канали се излеале преку ѕидот на кратерот и формирале езеро.

Кратерот е дом и на еден од најдобро зачуваните марсовски примери на делта – седиментна структура која се формира на долниот дел на реките и е создадена од еродиран материјал носен низводно и собран во количини што не можат да се растурат  лесно. Освен депонираните карпи и песок, се претпоставува дека во некои слоеви на делтата има и органски јаглерод.

Постои можност микроби да живееле во кратерот кога во него имало вода, па научниците веруваат дека Језеро чува записи за важни геолошки процеси на Марс. Проучувањето на овие карпи ќе покаже како еволуирала планетата со текот на времето.

Научниците забележале карбонатни минерали депонирани околу кратерот, а тие карбонати можат да ги заробат материите што се во нив, па можеби и кријат докази за живот.

Марс Ровер
Илустрација: Би-би-си, според извори на НАСА

Како ќе се бараат докази за живот?

„Истрајност“ ќе бара биосигнатури – обрасци, текстури и супстанци за чие формирање е потребно влијание на живи организми.

Научниците велат дека не знаат како би можеле да изгледаат биосигнатурите на Марс, но овде можат да помогнат примероците и записите за раниот живот на нашата планета. Записи за раниот живот на Земјата можат да се најдат во строматолитите, карпи формирани со наталожување на слоеви од бактерии. Ако вакви слични структури постојат и на Марс, научниците би можеле да комбинираат мерења од неколку различни инструменти за да ја проценат веројатноста за нивно биолошко потекло.

Марс е ладна и сува планета со тенка атмосфера што ја изложува нејзината површина на штетни нивоа на космичко зрачење. Но, се претпоставува дека пред милијарди години планетата била влажна и имала подебела атмосфера. Повеќе докази, меѓу кои се и остатоци од калливи камења, укажуваат на тоа дека некогаш на површината имало вода. Ова е мошне важно затоа што водата е неопходна за целокупниот живот на Земјата.

Органски молекули сочувани во седиментни карпи стари три милијарди години биле откриени на Марс со претходните мисии, но не е јасно дали тие претставуваат остатоци од антички живот или немаат никаква врска со биолошките процеси на Црвената планета.

„Истрајност“ со себе носи спектар на научни инструменти за да собере информации за геологијата на Марс, нејзината атмосфера, условите за животна средина и потенцијални биосигнатури. Инструментите вклучуваат напредни камери кои треба да помогнат во проучувањето на минералите, сензори за мерење на брзината и насоката на ветерот, температурата, притисокот, влажноста и прашината, потоа ласери и камери за „лов“ на органски минерали и ред други елементи.

Иако според дизајнот се слични еден на друг, „Истрајност“ е значително понапреден од неговиот претходник – роверот „Љубопитност“ (Curiosity). Новопристигнатиот ровер има роботска рака која може да издржи поголема тежина, a неговите тркала се поотпорни на абење, затоа што „Љубопитност“ претрпел големи штети од возењето над острите и зашилени карпи.

На роверот „Истрајност“ е прикачен и хеликоптер во вид на дрон тежок помалку од 2 килограми, со кој НАСА сака да демонстрира летање во атмосферата на Марс. Нејзината гравитација е помала за околу една третина од таа на Земјата, но нејзината атмосфера е со густина од 1 отсто од онаа на земјината, што го отежнува полетувањето од површината на Марс. Хеликоптерот може да прави слики во боја со камера од 13 мегапиксели, а поради тоа што летачките возила патуваат побрзо од копнените ровери, хеликоптерот може да биде корисен за истражување на области кои се недостапни за возилата на тркала.

Марс Ровер
Роверот „Персеверенс“ / фото: НАСА

Како ќе се се праќаат примероците од Марс на Земјата?

Научниците со децении сакаат примероците од карпите и почвата на Марс да ги донесат на Земјата за проучување во лабораториите, поради тоа што дел од големите и сложени инструменти за испитување не можат да се испратат на Марс. „Истрајност“ сега го овозможува ова со тоа што на површината на Марс ќе ги остави зачуваните примероци.

Одделна мисија ќе биде испратена подоцна за да ги донесе овие примероци на Земјата, но тоа се претпоставува дека ќе се случи некаде околу 2031 година.